Daimler го заврши 38-от месец во континуиран раст во продажбата. Во април се продадоа за десет проценти повеќе возила отколку во истиот месец лани. Новиот E-Class веќе покажува резултати во продажбата.
Пристигнувањето на новата генерација на E-Class веќе се забележува во продажните бројки на Mercedes. Концернот од Штутгарт во април продаде 164.000 возила од марката Mercedes, што е за 10,8 проценти повеќе отколку во истиот месец лани. Полниот ефект од продажбата на E-Class сепак ќе се покаже во втората половина од годината, откако моделската гама ќе биде дополнета со нови верзии. Марката Smart исто така бележи раст во продажбата, со 12.100 возила во април (+10,4%).

Најголем интерес на пазарот владее за теренските модели на Mercedes. Само на овој сегмент отпаѓаат 57.000 возила и тоа е за 40 проценти повеќе отколку во ланскиот април. Секој трет автомобил со сребрена ѕвезда е теренски модел. Во Штутгарт можат да бидат најмногу задоволни со продажбата на новиот GLC.
Со една третина во вкупната продажба учествуваат и моделите од компактниот сегмент, од коишто се продадени 51.000 возила, со плус од 13 проценти. Кабриолетот од S-Class носи дополнителен поттик во продажбата во луксузниот сегмент. Најпродаван модел со знакот на Mercedes и натаму е C-Class со 33.000 примероци.
По региони, најголемиот раст во продажбата повторно е постигнат во Кина, со плус од 31,6 проценти. Европскиот пазар се придружува со плус 14,2 проценти во продажбата во април. Од почетокот на годинава, двете автомобилски марки на Mercedes продале за 12,6 проценти повеќе возила отколку во истиот период лани.
















