Австралискиот огранок на Toyota има идеја како да го спои спортското со практичното. Концептот GT86 Shooting Brake е изработен рачно во Јапонија, според замислата и дизајнот на Австралијците.
Во Сиднеј денес беше претставен концепт на база на Toyota GT86, којшто треба да ги спои спортските квалитети на купето со практичните својства на комби-моделите. GT86 Shooting Brake е развиен и дизајниран според замислата на австралискиот тим на Toyota, а изработен е рачно во Јапонија. Тоа што Австралијците го гледаат како предност во нивната верзија GT86 е поголемиот простор за глава на задната клупа и поголемиот багажник.
Идејата можеби и не е толку лоша, особено ако се земе предвид фактот дека комби-купето изведено од GT86 изгледа сосема пристојно. Слични обиди имаше BMW со комби изведба од родстерот Z3, но тој се појави во време кога автомобилската сцена уште не беше подготвена да ги прифати драстичните отстапувања од традиционалните вредности. Спортските гени на беспрекорниот GT86 не се уништуваат со додавањето на комби-опашот, туку напротив, се надградуваат со практичност во секојдневието. Според Toyota Australia, нивниот GT86 Shooting Brake е „подеднакво наменет за патување на викенд и за тркачка патека, како автомобил што се купува со разум и со срце.“
Introducing the “Shooting Brake” concept version of the 86 developed by our Product Design team and built in Japan. pic.twitter.com/BuuFBFw3Jp
— Toyota Australia (@Toyota_Aus) May 6, 2016
Главниот инженер на GT86, Тецуја Тада, веднаш реагирал позитивно на идејата неговото купе да се „унапреди“ во комби-купе, откако Австралијците му покажале макета од GT86 Shooting Brake уште во ноември 2014 година. Тој бил пријатно изненаден од возилото и побарал од неговите експертски мајстори „такуми“ рачно да изработат автомобил според макетата на Австралијците. Концептниот автомобил не е само за украс, туку веќе доживеа и тестирање на патека. Тада-сан, сепак ја исклучува можноста автомобилот да влезе во сериско производство.
[FAG id=24245]
















