Новиот BMW X6: Трите различни улоги на купе-теренецот

На трите најголеми пазари за моделот, САД, Кина и Европа, BMW X6 секогаш е во различна улога. Некаде е преголем, некаде премал, но секогаш е BMW. Новата генерација на X6 стартува во декември.

Меѓу сите пикапи, џиновски теренци и ванови големи колку дневна соба на патиштата во САД, новата генерација на BMW X6 изгледа како симбол на умереност, на висока технологија и на европска култура. Купе-теренецот на BMW можеби е за некоја педа помал отколку што би сакале Американците, но затоа тој надоместува со префинетоста и на таа карта ги освојува купувачите на Новиот Континент. Во Кина, пак, тој е симбол за големината и за финансиската моќ на сопственикот. Тука, во Европа, многумина го гледаат како непријателско возило на улиците, покрај чија големина другите возачи се чувствуваат загрозено.

Во секој случај, BMW X6 има точно одредена улога на трите главни пазари, во Кина, САД и Европа, иако на сите нив таа улога е различна. BMW провоцираше со големиот теренец во стил на купе и успеа. Досега се продадоа 260.000 примероци од овој модел врз основа на BMW X5. Во фабриката во американската сојузна држава Јужна Каролина, којашто е татковина на сите модели X на минхенската марка, сега почнува производството на новата генерација на X6.

Купе-теренецот, когошто BMW го води под чудниот термин на спортско возило за активности (SAV), на европскиот пазар ќе стартува со продажба во декември, со цена за германскиот пазар од 66.150 евра за изведбата X6 xDrive 30d со 258 КС и 87.300 евра за најскапата изведба M50d со 381 КС. Најмоќната изведба е X6 xDrive 50i со дури 450 КС.

Иако поседува побогата сериска опрема, новиот X6 не тежи ниту грам повеќе од претходникот. Потрошувачката на гориво е намалена драстично. Со просечно 6,0 литри, моделот X6 30d е за 19 проценти поштедлив од претходникот со споредлива моќност, додека кај бензинецот 50i, потрошувачката според BMW е намалена за дури 22 проценти. Во кругот на купувачите на X6, податокот за потрошувачката на гориво е неважен за екологијата или за домашната економија, туку претставува само доказ дека техниката на автомобилот е во чекор со времето. Сепак радува тоа што потрошувачката кај големите мотори се намалува побрзо отколку кај помалите мотори.

Големите автомобили сепак не се возат за да се потроши помалку, туку да се доживеат моќноста и луксузот. При надворешни димензии од 4,91 метри должина, речиси два метри ширина и 1,7 метар висина е нормално да се очекува дека во кабината има простор за петмина возрасни патници, исто како и простор за колената и за главата или простор за пет торби за голф во багажникот, што секако дека е случај кај X6.

Првата генерација на моделот изгледаше премногу тешко и неспортски масивно. Затоа, дизајнерите се потрудија на новиот X6 да му дадат поголема елеганција во појавата. Новите светла се протегаат
од двата исправени „бубрега“ во маската па сé до крилата. Отстрана се забележува дека гребенот под прозорците е многу повпечатлив отколку претходно и назад преоѓа во динамичен лак во крилата, за да се втопи со линијата на задните светла. Опашот повеќе не изгледа толку висок, меѓу другото благодарение на тоа што браникот е извлечен подолу, а и хоризонталните линии во задниот капак ја разбиваат масивноста. Линијата на купе во покривот е повеќе нагласена, со тоа што покривот сега е извлечен повеќе во правец на опашот. Благодарение на тоа, патничката кабина повеќе не изгледа како да е насадена, а и целото возило оддава впечаток како да е пониско.

На традиционалните возачи на BMW сепак им е поважно чувството на нивното работно место, зад воланот. За кабината се нуди цел спектар од опции, почнувајќи од елегантна изведба во две бои, до целосно црн ентериер, за понагласено спортско чувство. Во насока на последново оди пакетот М, со спортски седишта и сите обележја на моделите oд BMW Motorsport. На списокот на дополнителна опрема стои и „професионалниот пакет на адаптивно подвозје“, како дел од поголемите пакети „комфор“ и „динамик“ за дополнителни 5.100 евра. Со овој пакет, X6 се претвора во тркачка машина што до толку ги побива законите на физиката та одбива да се наведнува во свијоците и нуди динамика како типичните модели од семејството М.

За автомобилите од Минхен е карактеристично и напредното поврзување на интернет и обемната понуда на системи за асистенција. На располагање стојат проекциски дисплеј, систем што од возачот го презема поаѓањето и запирањето при возење во градски метеж, исто како и систем за ноќно гледање, поглед од птичја перспектива при паркирање и уште многу работи што може или не може да се замислат. Секако дека сите овие системи дополнително го поскапуваат возилото, но затоа има и ставки што се вклучени стандардно, како автоматски менувач со команди на волан, копче за вклучување на „програми за уживање“ во возењето, погон на сите тркала xDrive, греење на предните седишта и двозонска автоматска клима.

Технички податоци BMW xDrive 30d

Должина x Ширина x Висина (m): 4,91 x 1,99 x 1,70
Меѓуоскино растојоание (m): 2,93
Мотор: R6-дизел, 2993 ccm, Twinpower-Turbo
Моќност 190 kW / 258 КС при 4000/min
Вртежен момент 560 Nm при 1500 – 3000/min
Крајна брзина: 230 km/h
Забрзување 0 до 100 km/h: 6,7 s.
Просечна потрошувачка: 6,0 литри
Емисија на CO2: 159 g/km (Euro 6)
Тежина / носивост: min. 2065 kg / max. 715 kg
Багажник 580 / 1525 литри
Тежина на приколка: 2700 kg
Агол на пристап /заминување: 25 / 22,5 степени
Агол на рампа: 20 степени
Растојание од подлога: 212 mm
Длабочина на понирање во вода: 500 mm
Круг на вртење: 12,8 m
Бандажи / гуми: 9J x 19 / 255/50 R 19 107 W XL RSC

Претходна објава26 години, 215 држави, 900.000 километри – тоа се вика пат околу светот!
Следна објаваMazda2 е автомобил на годината во Јапонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here