за

Новиот Audi A6 ќе го комплетира германското премум трио во 2017

Audi ќе ги замени врвните моделски серии во својата понуда во еден потег. По новиот знаменосец A8, само неколку месеци подоцна ќе следуваат и A6 и A7. Дизајнот конечно се менува, но има и нова стратегија за погонот.

Во 2017 година ќе почне новата ера за марката од Инголштат. Старата дизајнерска мустра го заврши своето со претставувањето на новите генерации на моделите R8 и A4, а наскоро и на Q5, кои не донесоа особена свежина во изгледот. Главниот дизајнер Марк Лихте има задача да го создаде новиот изглед на Audi. Намерата на поранешниот дизајнер на Volkswagen е имиџот на погонот Quattro да го внесе повпечатливо во каросериската форма на моделите на марката.

Серијата студии Prologue веќе го прикажа идниот изглед на моделите на Audi
Серијата студии Prologue веќе го прикажа идниот изглед на моделите на Audi

Кога Лихте го започна својот ангажман во Audi пред две години, неговиот прв предизвик беше да направи дизајн за новиот A8. На шефовите во концернот не им се допаднаа претходните предлози од дизајнерите. Марк Лихте не само што креираше нов изглед за знаменосецот, туку истовремено осмисли свежи форми и за моделите од вишата класа Audi A6 и Audi A7.

Дизајнот на новиот A6 оддава спортска, јасна и елегантна форма, којашто не се сведува само на доминантна маска, туку секој детал е поразличен од постоечките модели, вклучувајќи го и ентериерот. На новиот A6 сепак нема да му биде лесно кога ќе стартува во средината на 2017 година. Mercedes ќе ја претстави новата генерација на класата Е на салонот во Детроит за десетина денови, а кон крајот на годината пристига и конкурентот од Баварија, нова серија 5 на BMW.

На новиот Audi A6 нема да му биде лесно покрај исто така новата генерација на серијата 5 на BMW, која пристига наесен
На новиот Audi A6 нема да му биде лесно покрај исто така новата генерација на серијата 5 на BMW, која пристига наесен

Кога еднаш ќе почне воведувањето на моделите со новиот дизајн на Audi, нема да престане. По премиерата на Audi A8 кон крајот на годинава, само неколку месеци подоцна ќе следува и двојката од лимузината Audi A6 и купе-лимузината Audi A7. Промените не се случуваат само во изгледот, туку и во техниката, којашто ќе има многу заеднички детали за трите модели.

Димензиите на сите модели ќе претрпат мало зголемување, заедно со задолжителното смалување на тежината, којашто кај A6 ќе одземе околу 80 килограми.

За погонот, Audi не планира да продолжи со трендот на смалување на работната зафатнина и на бројот на цилиндри, туку напротив, поголем нагласок ќе се стави на шестцилиндарските мотори и на погонот на сите тркала Quattro. Баварците го најавија тоа и со новиот дволитарски бензинец во A4, воведувајќи го трендот на „rightsizing“, односно на мотори со соодветна големина за класата и намената за секој модел. На тој начин, Audi ќе им се спротивстави на главните конкуренти, класата Е на Mercedes и серијата 5 на BMW, но и на Jaguar XF и Volvo S90.

Класата Е на Mercedes е на само десетина денови од премиерата во Детроит. Таа го дава стартниот сигнал за освежувањето на премиум триото
Класата Е на Mercedes е на само десетина денови од премиерата во Детроит. Таа го дава стартниот сигнал за освежувањето на премиум триото

Како основа на дизелската понуда ќе се користи шестцилиндарецот со 218 КС, исто како во A4 и Q7, а над него ќе се позиционираат верзиите на овој трилитарски мотор со 272 КС и далеку над 300 КС. Почетокот на понудата ќе го претставува дволитарскиот дизел со 150 и 190 КС. Секако дека неколку месеци по премерата на новата генерација на A6 ќе следуваат и спортските верзии S6 и RS6, со над 600 КС во екстремниот RS, осумстепен автоматски менувач и погон Quattro.

Новиот дволитарски бензинец со 190 КС од A4 ќе се вградува и во идниот A6. Од овој мотор ќе следува и верзија со шест цилиндри и зафатнина од три литри, којашто исто така ќе го користи особено штедливиот режим на работа. Хибридните верзии се неизоставни и голема е веројатноста дека А6 ќе се појави и во верзија e-tron со плагин-хибриден погон.

Виртуелниот кокпит ќе биде основа на концептот на ракување  и во идниот Audi A6
Виртуелниот кокпит ќе биде основа на концептот на ракување и во идниот Audi A6

Големи промени се случуваат и во ентериерот, со анимиран кокпит со големи дисплеи на допир, климатизирани седишта напред и назад, како и со загревани панели во вратите и во потпирачите за рака, за пријатна атмосфера и при зимски температури. За тоа како ќе изгледа и функционира анимираниот кокпит, пример дава актуелниот Audi TT. Исто како и досега, особено внимание ќе биде посветен на впечатокот за квалитет, на поврзувањето со преносни уреди, но и на просторната понуда и на системите за асистенција. Конкурентот Mercedes E-Class ќе може да извози дел од патот без помош од возачот, а истото ќе го умее и идниот A6.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Куќарка за куче во форма на „Ленд Ровер“ можеби и не е лоша идеја

Tesla доцни со испораките на новиот кросовер Model X