Новиот Audi A4 полека ја симнува маската пред премиерата во септември

Електричниот турбокомпресор ќе има деби во септември, во новата генерација на Audi A4

До официјалната премиера на новиот Audi остануваат уште три месеци, останува уште завршното тестирање. Претсериските примероци веќе возат слободно по германските патишта.

Само уште последната маска остана да се симне до појавувањето на новата генерација на моделот од средната класа на Audi на салонот во Франкфурт во септември. „Карпараците“ ги уловија примероците од нултата серија како со минимално маскирање ги финишираат проверките на последните детали до стартот на сериското производство. Како што беше најавено повеќе пати од челниците на марката од Инголштат, новиот A4 од генерацијата B9 нема да го примени револуционерниот дизајн на серијата концепти Prologue, туку ќе продолжи да го негува актуелниот дизајнерски правец и во тој поглед повеќе претставува еволуција во постоечкиот дизајн. Останатите моделски серии на Audi што ќе следат по A4 веќе ќе го имаат дизајнот на Prologue.

Дизајнерската револуција на концептот Prologue ќе изостане во оваа генерација на A4

Секако дека новиот A4 ќе се препознава, најмногу по маската што ќе се спушта поблиску до подлогата, како и по предните светла со поагресивна форма во споредба со актуелниот модел. На тестираните примероци се забележува и мал спојлер на задниот капак. Задните светла уште се маскирани, но сосема е извесно дека ќе бидат со поголеми димензии отколку што може да се препознае од фотографиите.

Се очекува напредок и во намалувањето на тежината на новиот A4
Се очекува напредок и во намалувањето на тежината на новиот A4

Промени ќе има и во ентериерот, којшто ќе има поелегантна форма и нема толку да го оптоварува амбиентот во кокпитот. Дизајнот ќе ги нагласува хоризонталните форми, заради нагласување на чувството на ширина во кабината, слично како кај новиот Q7. Големиот дисплеј веројатно ќе се собира во таблата кога не се користи. Во средишната конзола има ослободено многу простор за новата генерација на централниот контролер MMI, којшто имаше премиера во купето TT.

Збогум на дизелите: Нов дволитарски бензинец со потрошувачка под 5,0 литри

Од новитетите под хаубата е веќе потврдено дека во Audi A4 ќе работи нов дволитарски бензинец со турбонатполнење и 190 КС. Максималниот вртежен момент ќе изнесува 320 њутнметри во мошне широко подрачје од 1.450 до 4.400 вртежи. Благодарение на модификациите во процесот на согорувањето, инженерите најавија потрошувачка на гориво пониска од 5 литри на сто километри во лимузината од средната класа. Можно е кај дизелите да доживее премиера технологијата со електричен турбополнач.

Останатите новитети под хаубата ќе се откриваат во следните месеци. Понудата од модели ќе се збогатува исто како кај актуелната генерација, прво со спортската верзија S4, за потоа да следуваат купе и кабриолет изведбите од сродниот A5, исто како и нова генерација на купе-лимузината A5 Sportback и кросовер A4 Allroad. Техничката основа на новиот A4 ќе ја користи и идната генерација на спортскиот теренец Q5, чијашто премиера може да се очекува во 2017 година.

audi a4 1098758

Претходна објаваБитумен од микроалги: Нафта повеќе не е потребна за изработка на асфалт
Следна објаваHonda Civic Type R: Четири евра поевтин од Leon, 20 евра од Golf GTI

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here