Серискиот примерок што произлезе од радикалната студија LF-NX е готов да се појави во салон. Изгледот е потсмирен наспроти студијата, но дизајнот и натаму се издвојува од сивилото во класата.
Пазарот на автомобили има некои чудни правила. Фабриките моментно не можат да произведат толку компактни теренци колку што се бара на пазарот и речиси не постои марка што нема модел во овој сегмент. Но, има уште еден проблем. Сите овие модели личат како јајце на јајце, излезени од ист калап. Никој производител не се осмелува да отстапи и да понуди дизајн што ќе се разликува од масата – сé досега!
Lexus е тој што ќе ја поттикне револуцијата, од една страна со дизајнот, а од друга страна како прв модел на престижната марка на Toyota во растечкиот сегмент на компактни теренци. Продажбата на NX ќе стартува веќе во текот на оваа година, а моделската премиера ќе се случи на 20-ти април на салонот во Пекинг.
Малиот брат на RX презеде дел од дизајнерските идеи од исклучително агресивниот концептен автомобил што предизвика бројни контроверзи при претставувањето на салонот во Франкфурт во септември. Површините на каросеријата јкај сериската верзија не се толку испрекршени, но и натаму се моделирани впечатливо, со огромна маска, широки крила и остри рабови каде и да падне погледот. Конкурентот на Audi Q5 и BMW X3 гледа низ тесни отвори во коишто се наѕираат светлечките диоди на дневните светла. Интересен детал се рачките во вратите со „сокриен“ цилиндар и со интегрирани светилки, како и иновативниот дизајн на надворешните ретровизори.
Арматурната табла е поделена на информативно поле во горниот дел од таблата и на поле за ракување во долниот дел, со површина што реагира на допир како централно место за ракување со функциите на возилото, како дополнување на „маусот“ во Lexus. Други иновации се можноста за полнење мобилен телефон без користење кабел, панорамски преглед над возилото и мулти информациски систем со приказ на силата на страничното забрзување.
Својствено за марката, компактниот NX ќе се нуди и во верзија со хибриден погон, исто како во останатите пет моделски серии на Lexus. Овој модел со ознака NX 300h ја презема погонската спрега од лимузината од средната класа IS 300h и по желба на купувачот може да се добие и во изведба со погон само на преднаа оска. За прв пат марката ќе понуди и бензински мотор со турбонатполнење во моделот NX 200t, кој во верзија без натполнење ќе работи и во NX 200.