Новиот теренец на Skoda спојува функционалност со привлечност

Skoda објави цртежи од новиот Kodiaq чијашто светска премиера следува во септември. Големиот теренец на чешката марка во голем дел ги следи линиите на студијата VisionS и го најавува изгледот на целото моделско семејство од спортски теренци и кросовери што ќе следуваат по Kodiaq.

До светската премиера на Skoda Kodiaq во септември остануваат уште само неколку месеци, но се чини дека и во седиштето во Млада Болеслав се исто толку нетрпеливи да излезат со новиот теренец во јавноста. Неколку цртежи што се блиски до конечниот изглед на Kodiaq и неколку изјави од главниот дизајнер Јозеф Кабан ќе се погрижат преостанатото време до премиерата да мине побрзо.

Тоа што го прикажуваат цртежите во основа не се разликува од студискиот VisionS од салонот во Женева, што значи чисти форми и јасни линии, кои на спортскиот теренец на Skoda му обезбедуваат препознатливост во уличната слика. Истото важи и за внатрешноста на Kodiaq. Според Кабан, „Kodiaq е мошне приспособлив, исклучително просторен и со компактните димензии го нуди најдобриот сооднос во својата класа.“

SKODA KODIAQ

Дизајнерот на чешката марка посочува и на робусноста, погодноста за возење по секаков терен и понудата од приспособливост и функционалност. „Формата и функционалноста се во хармонија во Skoda Kodiaq“, резимира Кабан. Kodiaq го интерпретира новиот дизајнерски јазик на Skoda во сегментот на спортските теренци, таму кадешто чешката марка досега го градеше своето присуство со помалиот кросовер Yeti. Според тоа, претставата на публиката за теренско возило на Skoda ќе се смени комплетно откако новиот Kodiaq ќе се појави во салоните.

Дизајнерот Кабан се повикува на чешкото мајсторство во изработката на кристално стакло за изгледот на светлата и за детали во кабината

Највпечатлив елемент во дизајнот е остриот раб под страничните прозорци, којшто претходно кружи и по целиот обем на хаубата, со што Кабан го постигнува робусниот изглед на Kodiaq. Ниските и закосени светла се надоврзуваат директно на широката маска и со кристалната структура се повикуваат на традицијата на Чесите во работа со кристалот.

Во подеднакво динамично светло се покажува и опашот, со диодни задни светла кои го прикажуваат вообичаеното „C“ на Skoda. Долгото меѓуоскино растојание и кусите каросериски превиси укажуваат на просторноста во кабината. Како опција, за Kodiaq ќе стои на располагање и трет ред седишта.

Претходна објаваМоже ли Land Rover да повлече вагони тешки над 100 тони?
Следна објаваBrabus го има најбрзиот кабриолет во светот: 850 КС за Mercedes S-Class Cabrio

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here