Кој уште би помислил дека нешто не е во ред? Возилото блеска, изгледа речиси како ново, како шанса што не смее да се пропушти. Но, најчесто не е така.
Посетата на плац со користени возила секогаш е ново искуство, особено кога и времето ќе се погоди за куса прошетка околу возилата. На овој плац е исто како на секој друг. Возила од сите марки блескаат на сонцето, на ветробраните стојат привлечни цени, не е тешко да се направи вистинскиот избор. За разумна цена може да се купи и кабриолет, на пример 13-годишен Ауди. Тој е ставен во првите редови за привлекување на купувачите. Километражата одговара, 152.000 километри се ништо. Но, на втор поглед почнуваат да се забележуваат маните!
Враќањето на километражата и прикривањето на оштетувањата од судир се вообичаени во секоја категорија на цени. Но, не и кај секого. Сериозните трговци внимаваат што продаваат, довербата на купувачите е најважна
Жлебот меѓу задниот капак и страниците е нерамномерен, целиот опаш изгледа како да е прелакиран, и тоа неквалитетно. На некои места лакот изгледа како кора од портокал. Тоа е само почеток. Возачката врата е клапната, патосникот пред возачот е продупчен, седиштето е пропаднато, на повеќе места се забележуваат траги од удари од камчиња. Овој автомобил има преживеано многу повеќе отколку што кажува бројката на километражата.
Неверојатно и дрско, но тоа е основата на бизнисот со користени возила. Мотото гласи – купи евтино, продади скапо!
Заработката кај користените возила се постигнува најлесно со враќање на километражата и со евтино прикривање на оштетувањата. Кога километражата на возило што покажува траги како да поминало 300.000 километри ќе се врати на 150.000 или 200.000 километри, цената расте драстично, заедно со заработката. Советите подолу и сликите во галеријата се основна помош за препознавање и избегнување на овие измами со користените возила.
Ова треба да се провери
Каросерија
- Траги од лак на делови од каросеријата, разлика во бојата?
- При поглед по должината на каросеријата се забележуваат нерамномерни површини на лакот, бранови?
- Траги од удари од камчиња напред, избледен лак?
- Нерамномерни жлебови меѓу вратите и каросеријата?
- Клапната возачка врата?
- Свиткан под при проверка оздола?
- Дополнителни варови?
- При тест со магнет, на некои места тој не лепи?
Внатрешност
- Пропаднато возачко седиште, скинати страници?
- На воланот, рачката на менувачот, прекинувачите има длабоки траги од користење?
- Гумата на педалите е истрошена?
- Безбедносниот ремен на возачот е скинат на рабовите?
- Патосниците се влажни?
Под
- Свежо нанесена заштита на подот?
- Протекување масло од моторот, менувачот, оските?
- Корозија и жлебови на сопирачките дискови?
- Траги од корозија, продупчен издувен лонец?
Мотор
- Запчестиот ремен е променет навреме?
- Датумот и километражата на белешката за промена на масло одговараат?
- Тгаги од протекување или талози на отворот за долевање масло?
- Необични звуци од моторот?