Најубавите европски патишта: Ексклузивна видео-серија на Ford, BP и Castrol

Во оваа серија видеорепортажи се опфатени шест делници што ќе поттикнат секој авто-ензутијаст да посака да ги извози. Најдоброто е тоа што авторите се искрени во своите оцени, маркетиншкиот ефект е оставен во заднина.

Совршен тајминг за откривање на сработеното пред јавноста, совршени снимки без напорен маркетиншки товар, совршен избор на најдобрите делници за возење по европската мрежа од патишта. Навистина е реткост тоа што го сработија партнерите Ford, BP и Castrol во оваа серија од шест репортажи, по една за секоја делница. Тимот зад овој спектакуларен материјал ги избираше најдобрите делници според возачкото уживање, глетката, гостопримството, а секако и храната и пијалокот.

Дванаесет месеци, избрана екипа беше во потрага по патиштата што ќе му направат задоволство на векој возач, изминувајќи 15.000 километри во 42 земји. На снимките се појавуваат трите спортски ѕвезди на Ford, задолжително Mustang GT V8, а покрај него Focus RS и Fiesta ST.

Во потрагата по најубавите возачки рути низ Европа, филмската продукција посети 42 земји и за 12 месеци помина 15.000 километри. Како што ни потврдија од Ford, Македонија исто така била на списокот на земји кандидати за најдобрите шест рути за возење. Дел од тимот беше и поранешниот тркач Стив Сатклиф: „Некои од избраните патишта се непознати дури и за ентузијастите.“

Видеосеријата ја сочинуваат патишта што претставуваат предизвик за секој возач со бензин во крвта, но и за секој што посакува посебно доживување. „На снимањето доживеавме многубројни авантури. Една од незаборавните е средбата со друг филмски тим од Германија, којшто со дронови снимаше секвенци за последниот дел од ‘Војна на ѕвездите’. Навистина сум горд на оваа видеосерија, којашто несомнено ќе предизвика жешки дискусии околу највозбудливите предели за автомобилските возачи,“ заклучува Сатклиф.

Ова се шесте патишта од соништата во ексклузивната видеосерија:

Романија, Трансфогараш: Изграден од поранешниот романски диктатор Чаушеску, како пат за евакуација на народот во случај на инвазија од тогашниот СССР. Делницата минува и покрај поранешниот замок на кнезот Влад, кој послужил како инспирација за ликот на гроф Дракула.

Велика Британија, Северен Јоркшир, Блејки Риџ: Паралелно со стара железничка линија се протега овој романтичен пат до поранешни рудници.

Каталонија/Шпанија, C462: Волшебниот пат буквално не води никаде. Патот е планиран како пат за снабдување за голема електроцентрала, но таа никогаш не била изградена.

Франција, D526 & D926: Љубителите на велосипедизмот сигурно ќе се присетат на овие сцени што се прикажуваа на ланскиот телевизиски пренос од „Тур де Франс“. Овој пат што се пробива кривулесто по Алпите претставува предизвик дури и автомобилите, но затоа ги наградува патниците со спектакуларна глетка.

Германија, B500: Панорамскиот пат започнува на границата со Франција и делумно води низ Шварцвалд, со конфигурација што ја ценат особено мотоциклистите, но и автомобилистите.

Мајорка, MA10: Прастариот крајбрежен пат потекнува од римско време и нуди сензационална медитеранска панорама, како вистински пат од соништата.

 

Претходна објаваСоосновачот на Гугл ќе прави летечки автомобили
Следна објаваBMW веќе ја губи трката со Mercedes во глобалната продажба

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here