за ,

Најпродаваните автомобили во светот во 2013 година

На европскиот пазар е непрокосновена доминацијата на Golf. Но, на светско ниво работите изгледаат малку поинаку. Најпродаван автомобил во минатата година е Ford Focus.

Во минатата година, исто како и во предминатата, Ford Focus беше најпродаван автомобил на светот, со вкупно продадени 1,1 милион примероци. Компактот на Ford профитираше од стратешката одлука донесена пред неколку години моделот да не се продава само во Европа, туку на сите светски пазари. Сосема е разбирливо тоа што оваа стратегија во меѓувреме важи за речиси сите модели од понудата на Ford.

Веднаш зад Focus, кој во поголемиот дел е развиван во Германија, следи повторно Toyota Corolla со еден милион продадени автомобили во светот. Јапонската компактна лимузина очигледно дека и во минатата година не успеа да го надомести падот во продажбата којшто следуваше по територијалниот спор со Јапонија околу Пацификот во 2012 година. Тогаш Кинезите целосно ги бојкотираа производите на нивните соседи.

На третото место следи Volkswagen Jetta, којашто на неколку пазари се нуди како Vento и Bora, со 905.869 продадени примероци. Со мал заостаток, на четвртото место се најде Hyundai Elantra со 966.000 возила. Компактната лимузина е присутна само на неколку пазари во Европа, за разлика од техничкиот близнак i30 кој е посебно развиен за европскиот пазар.

Петтото место му припаѓа на Chevrolet Cruze, како прв модел на марката на General Motors што се нуди на светскиот пазар. Моделот што е технички близок со Opel Astra бележи најдобра продажба во Кина. Во целиот свет се продадоа 729.000 примероци од Cruze. Со 728.230 примероци следна на списокот на најпродаваните модели во светот е Toyota Camry. Лимузината од средната класа беше воедно и најпродаван автомобил во САД во минатата година.

Дури на седмото место се наоѓа „кралот на компактите“, Volkswagen Golf, со 720.440 продадени примероци. Подобри резултати се очекуваат во текот на оваа година, со почетокот на продажбата на Golf во САД и во Кина. Таму сеуште се нуди моделот од шестата генерација.

Уште еден модел на Ford се најде меѓу најпродаваните. За Fiesta во минатата година се решија 705.287 купувачи во светот. Водечката десетка ја комплетираат спортскиот теренец Honda CR-V со 697.955 возила и VW Polo со 686.000 возила.

Најпродаваните автомобили во светот за 2013 година 

Модел Светска продажба
1. Ford Focus 1,1 милион
2. Toyota Corolla 1,0 милион
3. Volkswagen Jetta (Bora, Vento) 905.869
4. Hyundai Elantra 966.000
5. Chevrolet Cruze 729.000
6. Toyota Camry 728.230
7. Volkswagen Golf 720.440
8. Ford Fiesta 705.287
9. Honda CR-V 697.955
10. Volkswagen Polo 686.000

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Лоши времиња за Fiat: Марката Lancia ќе се продава само дома

Lancia: Ова се моделите што не заслужија марката да им заврши неславно