Целосно лакиран во црно, со црни бандажи и додаден спојлер во истата боја. Тоа не може да се протолкува поинаку освен како одважност на најпродаваниот електричен автомобил во светот. Nissan Leaf е достапен во ограничена серија Black Edition. Моделот досега се продаде во 240.000 примероци низ светот.
Црн, речиси нечуен и без (издувни) траги околу себе. Nissan подготви специјална серија од најпродаваниот електричен автомобил во светот, којашто ќе се произведува во ограничен период меѓу март и август следната година. Nissan Leaf Black Edition го заслужува името: Дури и бандажите и задниот спојлер се лакирани во црно. Електромобилот е дополнително опремен со диодни предни светла, осветлени прагови, затемнети задни стакла и црни капи на ретровизорите. Не е изненадување што темната атмосфера владее и во внатрешноста, меѓу другото и со црни патосници со сини штепови.
Во сериската опременост на Leaf Black Edition спаѓаат и камери со приказ од 360 степени, грејачи во предните и задните седишта, загреван волан и ретровизори, фотоволтаички колектор во задниот спојлер и навигациски систем NissanConnect EV што е специјално програмиран за електрични возила. Првите 1.000 купувачи ќе добијат бесплатно и рутер во возилото.
















