за

Најгрдиот автомобил на салонот во Лос Анџелес

Најсмешниот автомобил на салонот во Калифорнија е грдосијата што ја дизајнираше еден американски хирург. И цената е за смеење: Преку еден милион долари.

Таа има меко крзно. Како секоја друга мачка, таа има нешто непредвидливо во погледот. Кога пумата на сликата што е закачена покрај возилото на фотографиите од производителот би прогледала, самата би била преплашена од тоа што ќе го види пред себе. Ретко ќе се најде некој што ќе види убавина во овој монструозен кабриолет со преклоплив покрив од метал и балонки на тркалата, кој е дело на една малечка фирма од Калифорнија. Доктор Јуабиан е креатор на ова несмасно што и да е. Човекот е пластичен хирург од Лос Анџелес.

Во отсуство на убави зборови што би го опишале изгледот на калифорниската Puma, производителот ги наведува основните технички податоци за возилото. Моторот е V8 со зафатнина од седум литри и моќност од 505 КС. Силата од моторот се пренесува на задната оска преку шестстепен автоматик. За терен останува само големиот клиренс од 23 сантиметри. Според производителот, Puma забрзува до сто за помалку од шест секунди и на отворено троши 11 литри бензин.

Се произведува по нарачка, по цена од наводно 1,1 милион долари. Ниту самиот Јуабиан не крие дека цената е буквално истресена од ракав. Секако дека возилото чини далеку помалку, но хирургот ја има одредено цената врз основа на понудите од заинтересираните купувачи. За испорака треба да се чека 18 месеци. Ниту за најблагородните италијански тркачи не се чека толку долго.

Уште еден куриозитет. Доколку некој е заинтересиран за пробно возење, прво ќе мора пред Јуабиан да ја докаже својата платежоспособност – односно ќе мора да изброи преку еден милион долари, или барем да докаже дека има толку пари на сметка. На интернет страницата на Јуабиан пишува јасно: „Не сакаме да го демонстрираме автомобилот пред некој што не може да си го дозволи истиот.“ А, кој воопшто би посакал?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen e-Up: Струја за секој ден – бензин за патување

Кина избра: Класата S на Mercedes е автомобил на годината