Откако пред неколку денови го пушти порталот за преднарачки за новиот суперспортски автомобил, Ford веќе има добиено над седум илјади нарачки за GT. Моделот сепак ќе биде достапен во само 500 примероци.
Побарувачката за скапи и екслузивни автомобили не стивнува. Сите марки бележат екстремен раст во продажбата, од Bentley со новиот теренец Bentayga, до McLaren со трите баснословно скапи спортски серии. Ситуацијата не е ништо „подобра“ ниту кај големосериските производители, особено ако станува збор за ексклузивен модел. За суперспорткиот Ford GT, по само неколку денови откако стартуваше порталот за преднарачки, досега над 7.000 купувачи пројавиле интерес за моделот со култно име, чијашто цена ќе изнесува најмалку половина милион евра.
Менаџерите во Ford ќе имаат тешка задача меѓу седумте илјади кандидати да ги изберат пестоте идни сопственици на GT. Како што беше најавено претходно, предност при изборот ќе имаат долгогодишните клиенти на марката, а особено сопствениците на примерок од претходните генерации на Ford GT.
Новиот GT ќе се произведе во уште помала серија отколку претходниците. Последниот модел имаше серија од 4.000 примероци, додека од новиот ќе се изработат само по 250 примероци во текот на оваа и следната година. Првите примероци ќе бидат испорачани кон крајот на годинава.
















