Европската Комисија оцени дека даночните повластици што финансискиот огранок на Fiat ги добивал во Луксембург се илегални. Италијанскиот автопроизводител ќе мора да плати долг од десетици милиони евра.
Холандија и Луксембург им дозволиле илегални даночни повластици на мултинационалните концерни, оценува Европската Комисија. Синџирот кафулиња Starbucks во Холандија и финансискиот огранок на автопроизводителот Fiat во Луксембург ќе мора да платат долг во висина меѓу дваесет и 30 милиони евра. Точната висина на долгот ќе ја соопштат владините агенции, според препораките од Брисел.
Во обата случаи станува збор за таканаречено прелиминарно оданочување, при што државните органи однапред ги известуваат претпријатијата за очекуваното даночно оптоварување. Тоа не е илегално, но затоа се илегални повластиците што произлегуваат од постапката. Станува збор за мошне комплексни регулативи, при што се овозможува добивката да се прераспредели од едно во друго претпријатие во рамките на групацијата. На тој начин им се наштетува на другите претпријатија што плаќаат соодветни даноци. Кај Fiat станува збор за регулатива од 2012 година, додека кај Starbucks се работи за повластици што претпријатието ги добивало уште од 2008 година.
















