Макпетрол стартуваше со продажба на лимузинската изведба на популарниот Civic. Класичната каросериска изведба на јапонскиот компакт настапува со впечатлива динамика во новата генерација – и со попуст од 1.000 евра.
Лимузините од компактната класа по традиција наидуваат на одлична прифатеност во поширокиот регион. Civic особено. Тоа што купувачите ги привлекува кај лимузинската изведба на Civic е очигледно: Изглед на Accord по цена на Civic. Во претходните генерации лимузината постојано негуваше поумерен стил и не ја следеше авангардата на каросериската изведба, но сега работите се менуваат. Прецизните и строги линии во говорот на формите внесуваат впечатлива динамика во изгледот, но во исто време укажуваат и на традиционалната изработка и на напредната технологија на марката и воопшто на јапонската авто индустрија.

Исто како досега, лимузината има подолго меѓуоскино растојание од комбилимузината, што придонесува за променет просторен сооднос во кабината, односно поголема комоција на задната клупа. Кај новиот лимузински Civic, меѓуоскиното растојание е за 80 милиметри поголемо отколку кај комбилимузината, додека плусот во должината на каросеријата изнесува 24,5 сантиметри. Секако дека и багажникот профитира: 440 наспроти 407 литри, не сметајќи го дополнителниот простор под подот.

За разлика од комбилимузината, каде што се достапни три погонски единици, бензинци од 1,4 и 1,8 литар и дизел од 1,6 литар, Civic Sedan се нуди само со големиот бензинец со 142 КС. Се очекува понудата наскоро да ја дополни и дизелскиот мотор, кој ќе биде поттик за привлекување на нов круг на купувачи во Honda. Во секој случај, бензинците се веќе докажани со штедливоста. За 1.8 i-VTEC фабриката декларира просек од 6,7 литри, на што во реалноста може да се додаде околу еден литар. Во перформансите, Civic Sedan брилјира исто колку помалиот брат, со крајна брзина од 200 километри на час и забрзување до сто за девет секунди.

Работната средина на возачот сосема очекувано се разликува од комбилимузината, иако и тука се забележува напредокот во динамичниот израз што го навестува изгледот на каросеријата. Опременоста е на вообичаено високо ниво за марката, повторно збогатено во новата генерација на лимузинскиот Civic, со паркинг сензори и камера, ксенонски светла, автоматска клима со отвори за воздух и за задната клупа. Со редовната цена од 19.990 евра, лимузината е 2.000 евра над комбилимузината 1.8 i-VTEC со ниво на опрема Sport, не земајќи го во предвид побогатото ниво на опрема кај лимузината, што дополнително ја смалува разликата во цената – во интерес на купувачите што ја преферираат лимузинската форма. Исто како и кај кусиот Civic, за лимузината следува попуст од 1.000 евра, односно актуелната цена е 18.990 евра.