Летечкиот автомобил на Terrafugia ќе влезе во сериско производство најрано за осум години. Дотогаш преостануваат уште многу пробни летови, а американските власти сега дадоа и одобрение за тоа.
Творците на Terrafugia TF-X планираат во следните месеци да направат пробни летови прво со помали модели од нивниот летачки автомобил. Американските власти за воздушен сообраќај за таа цел му издадоа дозвола на ова претпријатие што сака да воведе револуција во мобилноста. Во моментов уште се развиваат смалените модели на TF-X и Transition.
Terrafugia сепак доби големи ограничувања за моделите за тестирањето. Тие не смеат да бидат подолги од 60 сантиметри, односно мораат да бидат десетпати помали од оригиналните „летала“, а не смеат да бидат и потешки од 25 килограми. Мини-верзиите на идните летачки автомобили не смеат да достигнуваат висина над 120 метри и не смеат да надминат брзина од 150 километри на час. Доколку смалените летала ги задоволат барањата на властите, Terrafugia ќе изработи и прототипи во оригинална големина за тестирање.

Зачудува тоа што Terrafugia успеа да добие дозвола за тестирање во траење од повеќе месеци. Обидите на повеќе претпријатија да извршат слични тестирања во минатите неколку години постојано наидуваа на негативен одговор од агенцијата за летање. Поради тоа, услугата за достава на нарачки преку дронови на гигантот Amazon мораше да се тестира во Австралија, место во САД, кадешто воздухопловните власти дозволија само неколку тестирања.
Америка веќе со месеци се обидува да воведе нови правила за летање за мали безпилотски летала. Од 21-ви декември е на важност новата директива за цивилни дронови и помали безпилотски летала, како на пример макети на авиони. Според новите правила, хоби-пилотите мораат да ги пријават своите летала во агенцијата. Од следната пролет ќе може да се регистрираат и леталата за деловна примена.

Terrafugia TF-X имаше премиера во 2013 година. Станува збор за летечки автомобил со четири седишта и хибриден погон. Преклопливите пропелери овозможуваат возилото да полета вертикално, како хеликоптер. Американската фирма очекува дека сериското производство на нивните летечки автомобили ќе стартува за осум до 12 години. Цената на ова летало ќе изнесува исто колку за бизнис лимузините од луксузната класа, односно колку Mercedes-S Class или Audi A8. Крајната брзина на летање ќе изнесува 320 километри на час, а TF-X ќе може да прелета во воздух до 800 километри додека има гориво во резервоарот и енергија во батериите.
Фирмата Terrafugia е основана од дипломци на прочуениот МИТ и експериментира со летечки автомобили уште од 2006 година. Првиот прототип, Transition, имаше успешен пробен лет во 2009 година. Две години подоцна, леталото доби дозвола за летање и возење од американските власти. Terrafugia во слободен превод значи „одлетај од земјата“.
















