за

Кој е LM002, првиот супертеренец на Lamborghini?

Долго време пред да зафати бранот на спортски теренци, Lamborghini се обиде да го освои пазарот со робусен теренец. LM002 сепак заврши како најголемата утка на италијанската марка

Спортската марка од Сант Агата бара да се чека до 2018 година, кога ќе биде претставен новиот теренец на база на Urus. Но, Lamborghini веќе имаше еден супертеренец пред 30 години.

Непроодниот терен не му беше непознат на Феручио Ламборгини. Основачот на италијанската марка суперспортски автомобили го поминал детството на селски имот во близина на Болоња, за подоцна да започне со производство на трактори и земјоделски машини, постигнувајќи исклучителен успех со неговата марка Lamborghini Trattrice. Оттука, идејата да се произведе теренски автомобил се наметнала како логичен заклучок.

LM 002 требаше да биде спас за Lamborghini од нафтената криза

Пазарот за суперспортски автомобили од типот на Lamborghini Countach забележа огромен пад откако светот го зафати големата нафтена криза. Фирмата итно требало да најде ново подрачје за привлекување на купувачите. Италијанците тогаш се пријавиле на конкурсот што го распишала американската армија за развој на нов теренски автомобил и го конструирале LM002. Овој автомобил до денешен ден е една од темните дамки во историјата на марката од Сант Агата Болоњезе.

[pull_quote_right]LM 002
Производство од 1986 до 1992
Произведена серија од 301 примероци
На крајот на 1970-те, американската компанија MIT нарача развој на теренско возило од Lamborghini. Проектот не успеа, заживеа повторно во 1981 година и по неколку прототипи започна изработката на серијата. LM 002 се појави во 1986 година, со мотор од Countach, како возило за кралеви, актери и тркачи. Првиот примерок беше испорачан на Кралот на Мароко. Во 1987 година, LM 002 настапуваше на фараонското рели, а во следната година и на Париз-Дакар[/pull_quote_right]

Теренецот на Lamborghini со развојно име Cheetah ѝ бил понуден на пробно возење на американската војска во 1977 година, по терените на калифорнискиот брег. Генералната проба завршила катастрофално, автомобилот речиси не можел да се помрдне од место и не го преживеал пустинскиот тест. Затоа и не чуди што налогот од војската и припадна на една друга фирма. Исходот е општо познат. Возилото со кратенка HMMWV, подоцна „хамви“, стекна телевизиска слава докажувајќи се во заливската војна, за потоа да прерасне во култната марка Hummer. Но, тоа е веќе друга приказна.

Lamborghini го спакува својот теренски автомобил и го остави да чека подобри времиња. Но, во 1981 година, Италијанците се сетија на него и го преработеа целиот автомобил, за тој да се појави на пазарот во 1986 година. При неговата премиера на салонот во Брисел, на пазарот не постоеше ниту едно друго возило со сличен концепт. Со 301 примерок за шест години, LM002 беше утка дури и според продукциските стандарди на Lamborghini. Во тој период, Италијанците видоа шанса да се „ослободат“ од својот теренец на пазарите во „заливот“, првенствено во Саудиска Арабија. Но, теренскиот Lambo очигледно беше премногу скап за напојување со гориво дури и за Саудијците кои буквално живеат над нафтени извори.

Денес малкумина го помнат и му се одушевуваат на овој автомобил. Но, LM002 заслужува внимание и почит. Со дизајн на камион, со ширина од два метри, висина од 1,85 метар и должина од 4,90 метри, сите теренски возила остануваат во сенка покрај него. Околу неговиот изглед како да не биле ангажирани дизајнери, неговата појава е застражувачка, и не располага ниту со минимум елеганција или скромност.

Дванаесетцилиндарски мотор со 455 КС од Countach

За волја на вистината, LM002 треба да изгледа застрашувачки, особено покрај моќта со којашто располага. Во џиновскиот теренец работи 5,2-литарски мотор V12, преземен од суперспортскиот Countach. Моторот е толку ненаситен што и покрај резервоарот од 290 литри мора постојано да се има на им најблиската бензинска станица. Иако е тежок близу три тони, LM002 со своите 455 КС може да забрза исто толкубрзо колку „борбениот бик“ на марката. Спринтот до сто трае само 7,8 секунди, што е сензационална вредност, исто како и крајната брзина од 210 километри на час, којашто и децении подоцна не можеше да ја надмине друго теренско возило.

Проблем беше и тесниот простор во кабината, иако меѓуоскиното растојание изнесува три метри
Проблем беше и тесниот простор во кабината, иако меѓуоскиното растојание изнесува три метри

Брзините сепак се слаба страна на овој Lamborghini. Поставен на гуми по специјална нарачка од Pirelli, коишто дури и на бандажите од 17 инчи изгледаат како тракторски гуми, LM002 е како слон на скејтборд. Се додека се вози право, нема проблем, но кога доаѓа свијок, возачот мора да се препотува околу совладувањето на истиот. Барабан сопирачките на задната оска исто така не се техника на којашто може да ѝ се верува.

Сето тоа ќе можеше да биде простено доколку возилото располагаше со комфор и луксуз. Но, тоа се мисловни именки за овој Rambo-Lambo. Не помогна ниту тоа што Италијанците ја обложија кабината со квалитетна кожа во светла боја, затоа што кабината беше претесна, а и кокпитот беше премногу едноставен. Иако при меѓуоскино растојание од три метри треба да се очекува изобилство простор во кабината, дури и возачот има проблем да седне правилно зад воланот што е поставен речиси вертикално. Инструментите се обични, копчињата изгледаат како кај првите мобилни телефони.

Lamborghini се враќа со теренско возило во 2018 година

Познавачите на марката Lamborghini знаат зошто LM002 беше осуден на неуспех. Теренецот не понуди ниту минимум комфор, техниката беше чувствителна, но најважното – LM002 беше далеку пред своето време. Мотори со дванаесет цилиндри денес станаа речиси вообичаена понуда, како во Volkswagen Touareg, исто како и машини со преку 500 КС, како во Porsche Cayenne Turbo, па дури и Hummer имаше славни времиња. Но, Lamborghini има нова шанса и овојпат се ќе биде направено како што доликува. Во 2018 година пристига теренец врз база на концептот Urus, којшто ќе понуди спортска динамика и престиж како ниту еден теренец пред него.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW X4 ќе се произведува во Русија … со делови од САД!

Porsche Carrera GT против 918 Spyder: Без респект на годините