По преименувањето на GLC, GLE и GLS доаѓа ред и на компактниот родстер. SLK отсега е SLC, а заедно со тоа следуваат свежа техника и дизајн, плус поевтина верзија со 1,6-литарски мотор.
Првиот Mercedes SLK се појави пред дури 20 години, со спектакуларниот метален преклоплив покрив, а потоа следеше втората генерација во март 2004 година. Компактниот родстер сега доби ново име и од март 2016 ќе стартува како SLC, со неколку освежувања во техниката и во изгледот. Нарачките за новиот родстер ќе стартуваат во средината на јануари 2016, кога ќе бидат објавени и цените.
Името е сменето во SLC во согласност со новата номенклатура на Mercedes и означува дека станува збор за модел што е во тесно сродство со класата C. Познавачите се сеќаваат дека Mercedes веќе ја има користено ознаката SLC во 1970-те години, за луксузното купе 450 SLC 5.0 од генерацијата R/C 107, чијшто актуелен наследник е престижниот родстер SL.
Нови моделски изведби во гамата на компактниот родстер се спортскиот модел Mercedes-AMG SLC 43 и основната верзија SLC 180 со 1,6-литарски турбобензинец со 156 КС. Најголеми измени во изгледот се извршени во предниот дел, за родстерот да се вклопи во актуелниот дизајнерски правец на Mercedes, со исправена маска и „зашилена“ хауба. Сите моделски изведби на SLC доаѓаат стандардно со „дијамантската маска“. Со доплата се нудат диодни светла, кои покрај подобро осветлување даваат и поголема препознатливост на возилото во уличната слика.
Приспособливо подвозје и во родстерот SLC
Моделите SLC 300 и SLC 250 d доаѓаат стандардно со приспособливо подвозје и погонска спрега, со можност преку копче да се менува реакцијата на моторот, менувачот, управувањето и амортизацијата. Овој систем се нуди како опција во верзиите на SLC 180 и SLC 200 со деветстепен автоматски менувач.
Новиот SLC поседува богато наследство. Претходникот SLK се има продадено во 670.000 примероци од појавувањето на првата генерација во 1996 година. Со широка моделска палета којашто отсега ја вклучува и верзијата со дизел мотор SLC 250 d и завршува со спортскиот Mercedes-AMG SLC 43 со трилитарски битурбо V6 со 367 КС, наследникот има добри изгледи за успешно да ја продолжи традицијата.
Тоа што особено ќе ги радува љубителите на коишто родстерот досега им беше премногу скап е воведувањето на новата основна изведба SLC 180 со 1,6-литарски турбо со 156 КС. Во тој поглед ќе биде мошне возбудливо кога Mercedes ќе ги објави цените за SLC во средината на јануари. Над основниот модел следат двата модела со дволитарски бензинец со турбонатполнење, SLC 200 со 184 КС и SLC 300 со 245 КС. Нов шампион во штедливост во гамата на родстерот е SLC 250 d со 2,2-литарски дизел со 204 КС и потрошувачка од 4,4 литри дизел. SLC 180 и SLC 200 доаѓаат до шестстепен мануелен менувач, а сите модели над нив возат со деветстепен автоматик.
Активен асистент за сопирање како дел од стандардната безбедносна опрема
Во безбедносната опрема стандардно следува активен асистент за сопирање, кој самостојно го запира возилото при опасност од судир. Доколку возачот го игнорира визуелното и акустично предупредување, асистентот самостојно ја намалува брзината и може целосно да го спречи судирот при градски брзини.
Новитети во кокпитот се преработената табла со инструменти и алуминиумските украсни лајсни. Меѓу двата тркалезни инструменти се наоѓа мултифункцискиот колор дисплеј со пречник од 11 сантиметри, додека во средишната конзола се вградува дисплеј од 14,7 сантиметри, кој во комбинација со Audio 20 преоѓа во дисплеј од 17,8 сантиметри. Седиштата исто така добија нов дезен и неколку нови опции со коишто се нагласува спортскиот и престижен карактер на отворениот двосед.
















