Американците го одбележуваат половината век на Mustang со ограничена серија примероци од јубилејниот модел. Во него се добива сé што има од дополнителна опрема.
Ford го одбележува јубилејот на култниот Mustang со серијата 50 Years Limited Edition, ограничена на серија од 1964 примероци, како симболика на годината кога беше претставен моделот од првата генерација. Јубилејниот модел е комплетно опремен и го растоварува купувачот од секаква помисла што да избере од дополнителна опрема. Единствено мора да се реши дали каросеријата да биде во бела или сина боја и дали менувачот да биде автоматски или мануелен.
Ретката серија модели дебитира во Њујорк, кадешто пред половина век светлото на денот го виде и првиот Mustang. Моторот во специјалниот модел е V8 со 420 КС, а подвозјето е дотерано со шестклипни сопирачки клешти Brembo и бандажи од 19 инчи. Limited Edition е единствениот Mustang каде што спортското подвозје доаѓа во комбинација со автоматски менувач. Во почит на времињата кога автомобилите натежнуваа од хром, јубилејната серија има хромирани детали на маската, на страниците на каросеријата и на задните светла. По пример на оригиналот од 1964 година, задните светла кај новиот Mustang се изведени во три делови.
Специјалниот модел дополнително се распознава по страничното отворање на задните прозорци и додатокот „50 Years“ на амблемот GT одзади. Возачот исто така знае веднаш дека седи во модел од ограничена серија. Коженото седиште е двобојно, а воланот е опшиен со кашмирен конец. Кокпитот е дополнително украсен со алуминиумски детали, а плочка со серискиот број на моделот е поставена пред совозачот. Испораката во САД ќе почне наесен.