Светскиот пазар во продажен бум, Македонија и натаму во криза

Додека најголемите три продажни региони, Западна Европа, САД и Кина, покажуваат неочекуван раст во првото тримесечје, во Македонија и натаму притиска немаштија.

Трите најголеми продажни региони за нови автомобили – Западна Европа, САД и Кина – забележаа голем напредок во март. Продажбата на нови возила во Западна Европа се зголеми за дури 9,5 проценти, САД следи со шест проценти, додека кинескиот пазар порасна за 12 проценти.

Веќе седум месеци во континуитет продажбата на возила во богатиот дел од Европа покажува вредности над минатогодишните месеци. Во март се продадоа 1,4 милион нови автомобили. Петте најголеми пазари во регионот се во плус: Германија (+5,0%), Франција (+8,0%), Шпанија (+10%), Италија (+5%).

Најголем напредок постигна Велика Британија, каде што продажбата на нови возила порасна за 18 проценти, што е најголема мартовска продажба по 2004 година. Веќе заздравуваат и пазарите во Португалија (+47%), Грција (+31%) и Ирска (+23%). Во целото тримесечје во Западна Европа се продадоа 3,1 милиони возила, односно 7 проценти повеќе отколку во ланскиот квартал. Дури и само во новите земји во ЕУ има огромен пораст од 28 проценти во март.

Како што продажбата на возила е директен репер за економската ситуација на граѓаните, така и во Македонија не може да се очекува ништо друго освен катастрофално лоша продажба на нови автомобили. Во првите два месеци на македонскиот пазар се продадоа 562 патнички автомобили, вклучувајќи ги секако и „големите“ флотни продажби. Големото изненадување во март е Dacia Duster. Теренецот на Романците го престигна Golf на првото место со 21 продадено возило, што одговара на пазарен удел од 6,7 проценти. Следат Skoda Rapid со 6,1%, Ford Focus, Volkswagen Passat и Volkswagen Golf, сите со по 3,8% пазарен удел. Бројките од продажбата се толку депресивни, што изразувањето на продажбата преку пазарниот удел е „поздрава“ варијанта. Големите попусти ја држат Opel Antara мошне високо, на 3-то место во јануари и на 7-мо место во февруари.

За споредба, на соседниот српски пазар во јануари и февруари се продадоа 2.553 нови возила. Првото место е веќе долго време резервирано за Fiat 500L од локално производство. Само во февруари на пазарот се продадоа 145 примероци од моделот. Skoda има дури четири модели меѓу најпродаваните десет во Србија: Fabia на второ место, Octavia на трето, Rapid на шесто и Superb на десеттото место. Очигледно е дека соседите не паѓаат на евтини богаташки лимузини од десетта рака, туку реагираат трезвено и искусно, префрлувајќи се на нови автомобили од достапни марки.

Претходна објаваКолекционерите ќе трчаат по овој Ford Mustang
Следна објаваAudi A3 е светски автомобил на годината

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here