Малечкиот модел на Mercedes е европско милениче. Преку 220.000 корисници од осум држави гласаа за најголемата награда на интернет во Европа и во сите осум држави победи класата А на Mercedes.
На 11-то доделување на Интернет Ауто Наградите гласаа автомобилски ентузијасти од Белгија, Германија, Франција, Италија, Холандија, Австрија, Шпанија и Швајцарија. Класата А на Mercedes победи во конкуренција на 55 новитети од 2012 година и го освои трофејот Carolina, како најзначајно одликување според гласовите на интернет корисниците во Европа во автомобилската бранша. Второто место во категоријата Најдобар автомобил му припадна на Volkswagen Golf, а веднаш по него е Audi A3. Најдобро возило со погон на струја е Toyota Prius PIH, кој победи во пет од осумте земји што учествуваа во гласањето преку интернет.