Автомобилските марки од Кина сé уште се многу далеку од освојување на европскиот пазар. Неколку десетини илјади автомобили се продадоа лани во цела ЕУ, главно во земјите каде што Кинезите ги монтираат своите возила.
Кинеските автомобили и натаму се ретка појава по европските патишта. Во минатата година во сите земји во ЕУ се продале само 6.000 возила од кинески марки. Тоа претставува пораст од 1.000 возила во споредба со претходната година, но и натаму претставува незначителен удел на пазарот кој годишно достигнува 16 милиони автомобили.

Најголем пазар за кинеските автомобили во земјите во ЕУ во минатата година била Бугарија со 2.325 продадени возила. Во нашето источно соседство е изградена фабрика за монтажа на возила од кинеската марка Great Wall, инаку солидно одомаќена и на нашиот пазар. Некогашната легенда на британското автомобилско производство, марката MG, денес е во кинеска сопственост и во меѓувреме почна да врши и монтажа на возила во земјата, така што Британија е на второто место, со околу 2.000 продадени автомобили од кинески марки. Трет најголем пазар во ЕУ е Италија со 520 продадени автомобили. Марката Chery е таму одомаќената марка автомобили од Кина.
Најголемиот дел од возилата што кинеските марки ги произведуваат во земјите во ЕУ заминуваат за извоз на Истокот. Во 2014 година, во Русија и во Украина се продадоа дури 90.000 кинески автомобили, но поради длабоката криза, оваа бројка лани се сведе на само 41.000 возила. Пазарни лидери во тој регион се Lifan, Geely, Chery и Great Wall.
















