Околу една седмица преостанува до отворањето на портите на салонот во Детроит. И кинескиот производител GAC ќе биде присутен на салонот со многу новитети, меѓу кои и концептот GS4.
Кинеската групација GAC има цела дузина марки и заеднички проекти во своето портфолио. Огромната компанија на салонот во Детроит ќе го прикаже потенцијалот со којшто располага со концептот GS4. Една од марките во групацијата GAC е Trumpchi, специјализирана за трендовски комбилимузини, седани и кросовери. Во соопштението за печат не се наведува конкретната марка, но на објавениот цртеж се забележува дека сепак станува збор за концепт на марката Trumpchi. Во нејзината понуда моментно се наоѓаат GA 5 и GS5, а сериската реализација на концептот GS4 совршено би ја пополнила празнината меѓу нив.
Според Кинезите, станува збор за мошне спортски ориентиран кросовер од компакт класата. Под хаубата ќе работат турбобензинци од 1,3 и 1,5 литар. Во Детроит ќе се појават најмалку уште два концепта: GA6 GT и Winstar. Обата модела користат хибриден погон со надворешно полнење, додека вториот дополнително поседува способност за самостојно управување.
















