за

Каков избор на користено возило е Alfa Romeo Mito?

Малечката Alfa е секси, спортска, впечатлива. Mito освојува со дизајнот и со перформансите, но поради проблемите со подвозјето и протекувањето масло од моторот не е особено препорачлив избор на користен автомобил.

Спортската нота во изгледот на Alfa Romeo Mito се потврдува и во возењето. Секоја почит за прогресивниот и уникатен изглед што италијанските дизајнери ѝ го дадоа на најмалечката Alfa. Миланската марка го претстави овој модел во 2008 година, со име што претставува акроним од Милано и Торино. Во дизајнот се препознава дека Mito потекнува од истата марка со спектакуларниот 8C Competizione. Основата на автомобилот сепак е многу поскромна, Mito во основата е премаскиран Fiat Grande Punto.

Прекинувач DNA за менување на „генетскиот код“ на Mito

Највпечатлив детал е системот DNA којшто се испорачува сериски во секоја моделска изведба, со функција да предизвика моторот и управувањето да реагираат поостро или поблаго, по избор на возачот, за поспортско или за секојдневно возење. Една година подоцна Mito стана прв автомобил во историјата со мотор со хидраулично управување со работата на вентилите. Моторот MultiAir управува со вшмукувачките вентили по електрохидрауличен пат, односно без класично брегасто вратило. На тој начин се постигнуваат повисок вртежен момент и поголема моќност при пониска потрошувачка. Во 2010 година следуваше и менувач со двојна спојка TCT.

Прекинувачот DNA е стандарден дел во Mito и влијае врз реакцијата на моторот и управувањето
Прекинувачот DNA е стандарден дел во Mito и влијае врз реакцијата на моторот и управувањето

Понудата од мотори ја сочинуваат шест бензинци со моќност меѓу 70 и 170 КС, заедно со три дизели со моќност меѓу 85 и 120 КС. Менувачот со двојна спојка TCT е достапен само во верзијата 1.4 TB 16V MultiAir со 135 или 140 КС. Залудни се очекувањата дека на должина од 4,1 метри се добива просторна и практична кабина. Просторот за колена на задната клупа е тесен, додека багажникот од 270 литри се товари тешко, поради малиот капак и високиот праг на багажникот.

Прениско ниво на масло во моторот е регистрирано кај трипати повеќе возила од просекот

Најчести проблеми на Alfa Romeo Mito се ненадејно испразнет акумулатор, дефект на индуктивните калеми, грешки во електронската мрежа, а регистрирани се и неколку случаи на оштетени менувачи. Позитивна страна во подвозјето е тоа што сферичните зглобови и управувачкиот преносник се изработени солидно, па и преголем сјај во управувањето се појавува ретко. Затоа, пак, често има проблеми со истрошени лежишта на амортизерите, кршење на навојните пружини и скинати манжетни на погонските вратила.

[quote_box_right]Alfa Romeo Mito
Почеток на производство 2008
Мотори од 70 КС (1.4) до 170 КС (1.4 ТВ 16V)
Продажна цена во Германија почнувајќи од 5.500 евра[/quote_box_right]

Кај светлата е потребно е да се провери насоченоста на соборениот сноп. Покрај тоа, светилките прегоруваат често и соодветно чесно мора да се смета на замена на истите. Прекумерната истрошеност на сопирачките дискови може да се објасни со спортските навики на возачите на Alfa Romeo. Проблемите со сопирачките исто така се јавуваат почесто отколку според просекот во класата, вклучувајќи ја и паркирната сопирачка. Најслаба точка на Mito сепак е прекумерното трошење масло. Според евиденцијата, моторите на малечкиот италијански автомобил имаат проблеми со премалку масло трипати повеќе отколку просекот. Во тој поглед се особено чувствителни моторите MultiAir, особено ако е користено масло со послаба спефицикација од пропишаната. Кај возилата стари околу пет години и просечна километража од околу 74.000 километри, веќе зачестено се јавуваат и проблеми со корозијата на издувниот лонец.

Alfa Romeo Mito е малечок спортски автомобил со карактер. Кај возилата што се стари само пет години веќе може да се очекуваат долги списоци со проблеми. Истрошените сопирачки дискови може да се оправдаат со нередовно одржување, но прекумерното трошење на моторното масло и раната корозија на издувните лонци укажува на тоа дека Mito сепак има проблеми со квалитетот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot повторно ќе произведува автомобили во Иран

Симпозиум за мотори во Виена: Ова се новите трендови во развојот на мотори