Fiat повторно има родстер во понудата. Италијанците се повикуваат на далечната историја и на истоимениот модел од 1966. Но, Spider е сé друго само не италијански автомобил.
Италијанците се мајстори во автомобилскиот дизајн и Fiat 124 Spider уште еднаш го докажува тоа. Оние моќно испакнати форми во долгата хауба се изработени верно на дизајнот на оригиналниот Spider од 1966 година. Тоа е воедно и најважниот момент во овој автомобил – затоа што тој детал отсуствува кај актуелната Mazda MX-5.

Новиот Fiat 124 Spider, кого што Италијанците деновиве гордо го прикажуваат како светска премира на салонот во Лос Анџелес, развиен е заеднички со Mazda, ја користи истата платформа како MX-5, па дури и се произведува на истата лента во фабриката на Јапонците во Хирошима. Се поставува прашањето, колку останува простор за оригиналност на марката што потекнува од земја каде што емотивниот дел од автомобилот игра значајна улога, особено кога станува збор за родстер.
Сосема е јасно зошто Fiat избегнува да го спомене поимот беџ-инженеринг кај овој автомобил што треба да биде наследник на иконскиот оригинал од 1960-те години, дизајниран од Pininfarina. Поимот беџ-инженеринг се користи кога два конструкциски идентични автомобили се продаваат под две различни марки и најголемата разлика меѓу нив се сведува само на различните амблеми на марката. Peugeot Partner и Citroen Berlingo се пример за таков беџ инженеринг.
Fiat никаде не спомнува дека моделот е идентичен со Mazda MX-5
Според зборовите шефот на Fiat, Оливие Франсоа, нема подобар начин да се одбележат 50-те години од првиот Fiat 124 Spider, отколку со претставување на родстер во стил на минатото, кој е комбиниран со соврешена технологија. Тоа што шефот избегнува да го спомене е името Mazda. Огромен дел од новиот 124 Spider потекнува од Јапонецот, кој од есенва стартува со продажба на европскиот пазар. Тоа се забележува најдобро во кокпитот, каде што се изменети само неколку детали, вклучувајќи го и најважниот, замената на логото на Mazda со лого на Fiat во воланот.

Mazda MX-5, пак, продаден е во близу еден милион примероци од 1989 година и тоа го прави најуспешен родстер во светот. Повеќето од неговите некогашни конкуренти веќе не постојат. Тука се поставува следното прашање: Зошто некој би посегнал по родстерот на Fiat, кога оригиналот од Јапонија е беспрекорен и има совршен имиџ?
Сепак може да се воочат неколку разлики, првенствено во предниот дел од возилото. Додека Mazda користи обележја на јапонскиот дизајн, „носот“ на Fiat покажува италијански карактер, а и крилата придонесуваат за 124 Spider да изгледа повеќе моќно. Лежиштата за диодните светла се стеснуваат во правец на двојната маска. Овој детал е изведен многу поедноставно кај јапонскиот оригинал. Кај него недостигаат и спомнатите испакнувања во хаубата. Сите панели од каросериската обвивка се заменети и постигната е должина на каросеријата што е за неколку сантиметри подолга од 3,92 метри на Mazda. Дизајнот потекува од Centro Stile во Торино.
Само еден мотор за ретро-родстерот на Италијанците
Разлики има и под хаубата. Исто како кај предокот од 1966 година, тука работи 1,4-литарски бензинец и има задача да му ја обезбеди потребната динамика на родстерот што во основната верзија тежи точно еден тон. Преносот на сила се врши на задната оска преку шестстепен мануелен менувач.
Место некогашните 90 КС, денес за динамиката се грижат 140 КС од 1,4-литарскиот турбо, кои се незначително повеќе од 131-та КС на MX-5, добиени од 1,5-литарски атмосферски мотор. Со овој мотор оригиналната Mazda забрзува за 8,3 секунди. Следна опција е дволитарецот со 160 КС, со кого што забрзувањето трае една секунда покусо. За разлика од тоа, кај Fiat е планиран само 1,4-литарскиот бензинец, кој поради турбонатполнењето произведува 240 њутнметри и со тоа е способен да повлече подобро од Јапонецот.
Формулата на родстерите е испочитувана, со компактните димензии на каросеријата и ослободувањето од каков било вишок килограми. Покривот на Fiat се отвора рачно, место со електромотор и целата процедура треба да трае околу 5 секунди. Во предниот дел е изведена цврста обвивка, којашто случи и како капак кога покривот е собран зад седиштата.
Ако некој посака повеќе опрема, треба да плати екстра за варијантата Lusso, која меѓу дрогото поседува дисплеј од 7 инчи, грејачи во седиштата и пристап без клуч. Автомобилот прикажан на салонот во Калифорнија е модел за американскиот пазар. Fiat свесно ја избра САД, а особено „сончевата држава“ за премиерата на 124 Spider, како територија што секогаш била најголем пазар за малечкиот италијански автомобил.
Европската верзија ќе се разликува од моделот за американскиот пазар
Моделот за европскиот пазар ќе биде претставен на салонот во Женева и ќе има неколку разлики во споредба со американскиот Spider. Засега Fiat не открива детали околу овие разлики. Фановите што чекаа десет години откако престана да се произведува Barchetta, мора да погодуваат и за цената на новиот модел. Се претпоставува дека Spider би чинел околу 25.000 евра, односно околу 2.000 евра повеќе од јапонскиот оригинал. Продажбата во Европа стартува следното лето.
















