Покрај тоа што ќе има релативно прифатлива цена од 35.000 долари, електромобилот Tesla Model 3 ќе се одликува и со исклучително низок отпор на воздух. Такви вредности обично имаат само концептните автомобили.
Следниот електричен автомобил од калифорнискиот специјалист Tesla Motors нема да го привлекува интересот само со релативно достапната цена од 35.000 долари, туку и со екстремно низок коефициент на отпор на воздух. Каросеријата на актуелната спортска лимузина со погон на струја Tesla Model S се пробива низ воздухот со коефициент на отпор 0,24, што се смета за мошне ниска вредност, но новиот Model 3 ќе отиде драстично под оваа вредност. Со коефициент на отпор под волшебната граница 0,2, идниот електромобил на Tesla ќе биде прв сериски автомобил во категоријата на супераеродинамичните возила. За споредба, „бубата“ на Volkswagen поседува отпор на воздух 0,49.
Рекордот во тој поглед го држи легендарниот EV1 на General Motors (на сликата) од 1996 година, електромобилот што имаше неславна завршница откако америкaнскиот производител ненадејно реши да ги повлече сите возила од корисниците и комплетно да ја уништи целата серија од 1.117 произведени возила. Неговата вредност на CW e точно 0,2. Пониска вредност од таа достигнуваат само концептните возила, како Mercedes-Benz IAA или Volkswagen XL1, со CW 0,19.