за

Интервју: Хуберт Валтл за производствената стратегија на новиот Golf

Хуберт Валтл е одговорен за производството и за фабриките на марката Volkswagen. Откако фабриката во Волфсбург се префрли на модуларен систем на заеднички компоненти и стартуваше Golf VII, има многу новини во фабриките на марката.

Кој дериват на Golf од седмата генерација е Ваш фаворит?

Особено ме одушевува новиот Golf GTD, затоа што според моето мислење тој ги соединува задоволството во возењето, моќноста и потрошувачката во оптимален сооднос.

Кој службен автомобил го возите моментно?

Обично ги возам последните модели на Volkswagen. За мене е важно да бидеме во состојба самостојно да ги оценуваме нашите производи до најсилниот детал. Моментно возам бел Golf и Passat Alltrack.

Што најмногу Ве одушевува кај новиот Golf?

Одговорот е сосема јасен: Дизајнот и прецизноста кои што ги поседува возилото. Новиот Golf во секој поглед е значаен напредок во споредба со претходникот.

Но, зошто Golf секогаш се менува само во мали делови – седмата генерација личи на шестата генерација?

Golf секогаш ќе биде Golf. Свесно не сакавме да измислиме друг автомобил. Тоа не би соодветствувало ниту на марката, ниту на производот. Кај седмата генерација сепак развивме целосно нова платформа. Техничките детали не се видливи однадвор на прв поглед, но направивме голем чекор во поглед на иновацијата и смалувањето на тежината. Новиот Golf е 100 килограми полесен од претходникот. Тоа е сосема различен свет во производството на автомобили.

Фабриката во Волфсбург се преориентираше за производство на Golf (MQB). Каква е моментната состојба со производствената рутина на персоналот?

Ја преориентиравме фабриката во Волфсбург, како и нашата фабрика во Звикау. Обете фабрики се подготвија одлично за новиот Golf и ги завршија нивните домашни задачи. Персоналот се обучуваше за новата техника во посебно оформени центри за обука. Обете фабрики знаеа точно што треба да работат. Покрај тоа, тимовите обезбедија важни искуства за претстојните лансирања на база на MQB, на пример за новиот Golf во Мексико или во кинескиот Фошан.

Кои се најголемите разлики меѓу фабриките во Волфсбург и Цвикау?

Ангажманот и гордоста за постигнатото се на иста висина кај персоналот во обете фабрики. Разликата е во тоа што фабриката во Волфсбург е уште поголема од онаа во Цвикау. Во Волфсбург во минатата година произведовме вкупно 760.000 возила од моделите Golf, Golf Plus, Tiguan и Touran, додека во Цвикау имавме 226.000 Golf и Passat. Тоа прави комплексноста во Волфсбург да биде уште поголема.

Кои беа најголемите потешкотии при стартот на новиот Golf?

Секое лансирање на модел е вистински предизвик. Фабриките се под полн напон и работат особено сосредострочено на целта СОП, односно старт на производството. За новиот Golf целосно ги преориентиравме фабриките во Цвикау и Волсбург кон новата систематика на заеднички компоненти за исклучително кусо време – додека во исто време течеше производството на Golf VI. Тоа беше како операција на отворено срце. Дополнително, тимовите мораа за најкусо време да се пренасочат на новите умрежувања во изработката на каросеријата и на новата генерација на роботи за производство.

hubert valtl 1

Дали навистина производството на сите деривати на Golf (Variant, комбилимузина, изведби со две и со четири врати) може да се распределува флексибилно меѓу фабриките на Volkswagen во Германија?

Апсолутно. Токму тоа е тајната на нашата стратегија на заеднички компоненти, односно максимална флексибилност на ниво на марка. Компензирачки елемент во овој случај е фабриката во Цвикау. Моментно ја зголемуваме продукцијата на Golf во Цвикау и во исто време ја подготвуваме фабриката за стартот на Golf Variant. Паралелно со тоа ја намалуваме продукцијата на Passat воп Цвикау и го префрлуваме најголемиот производствен волумен на Passat во фабриката во Емден. Уште оваа напомена за дерифатите: Новиот Golf со погон на струја и Golf GTI ќе се произведуваат исклучиво во Волфсбург, а Golf Variant во Цвикау.

На кои други локации се практикува овој ротациски концепт на Golf?

Како што веќе напоменав, во Германија тоа се фабриките во Емден, Волфсбург и Цвикау. Во иднина ќе ги приклучиме и производството на Golf во Фошан/Кина и во Пуебла/Мексико.

Покрај Porsche Cayman и Boxster и Golf Cabrio, во Оснабрик ќе се произведува и мала серија од XL-1. Дали е на повидок уште некој волуменски модел за оваа фабрика?

Моментно имаме три силни модели во фабриката, плус нашиот технолошки врв, еднолитарскиот автомобил XL1. Со тоа Оснабрик се специјализира за посебни и малосериски модели. Поради комплексноста не смееме да ја преоптоваруваме оваа фабрика.

Кои следни модели на Volkswagen ќе се приспособат на системот на заеднички компоненти?

По Golf постепено ќе ги префрлуваме и другите модели на Volkswagen на систематиката на заеднички компоненти. Новата архитектура во иднина ќе ја применуваме и кај Passat, Polo, Tiguan и Touran.

Растечка флексибилност, помалку прекумерни работни часови. Што претставува стратегијата на заеднички компоненти за персоналот во Европа, во услови кога продажбата стагнира?

Треба да се знае следното. Растот на ефикасноста во производството не треба да се поистоветува со намалена потреба од персонал. Нашата модулска стратегија многу повеќе ги обезбедува работните места и фабриките на долг рок. Зголемената флексибилност во производството претставува еден вид на основен предуслов за натамошното зголемување на нашето производство. Мораме да ги завршиме овие домашни задачи ако сакаме да останеме успешни на глобално ниво.

Колку работни часови се заштедуваат со префрлувањето на MPB/MQB?

Префрлувањето на MQB го започнавме во 2012 година и постепено ја воведуваме оваа систематика во нашите фабрики. Убедени сме дека нашата стратегија ќе придонесе во следните години за позитивен резултат како и за намалување на работните часови по возило.

hubert valtl 2

Колкава заштеда се постигнува со MQB и MPB во компонентите и трошоците за производство, во споредба на Golf 6 со Golf 7?

Само во тежината на каросеријата заштедивме 23 килограми. Со користењето на современи постапки имаме значително помалку отпад на ламарината, што ги смалува трошоците за материјал. Според тоа, разликата е во збирот на повеќе мали детали.

Како стартуваше новиот Golf и неговите деривати?

Точно според планот. На пат сме до целта. Во Волфбург и Цвикау момемтно произведуваме повеќе од 2.000 автомобили дневно.

Поради слабите пазари на ЕУ, фабриките моментно не работат под полн капацитет. Што е потребно за германските фабрики да останат профитабилни?

Ќе продолжиме да работиме на нашата продуктивност и постојано да се усовршуваме во тој поглед. Способни сме да ги произведуваме најдобрите автомобили на светот и да обезбедиме многу работни места на целата земјина топка. Тоа го постигнуваме само затоа што поседуваме одличен тим и најдобар систем за обука на светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие модели задржуваат најмногу од вредноста

Автомобилот на струја на BMW ќе чини 30.000 евра