Кенонбол е митска трка. Победникот се прославува како херој на сцената на четири тркала. Еден продавач на Lamborghini постави неверојатен рекорд на овој пат долг 4.528 километри.
Ед Болиан од американската сојузна држава Џорџија постави неверојатен рекорд. Тој извозе од Истокот до Западот на САД за само 28:50 часови. Овој 27-годишен ентузијаст уште пред пред десет години започна со подготовка за вратоломната хајка што стартуваше во Мехнетен и заврши на Редондо Бич во влизина на Лос Анџелес. Тој вгради дополнителни резервоари во багажникот на неговиот Mercedes CL, се снабди со антирадари и навигацски системи, односно со сé што тој сметаше дека ќе му користи за ловот на рекорди. Под тоа се подразбираше и уринарен сад, за Болиан да не губи време на мокрење.
Купето со мотор V8, што Ед го избра заради штедливоста, одзади имаше два резервоара со по 83 литри, со што автономијата се зголеми на 1.300 километри. Најголемиот предизвик за младиот Американец беше да се избегнат застоите на патот и семафорите. За таа цел, тој испрати двајца пријатели да возат 200 километри пред него. Оваа предводница имаше задача да го предупреди Болиан за пречките на патот, односно при потреба тој да избере обиколен пат.
Уште во Тексас се покажа дека постои шанса за соборување на рекордот. Како што објави вебстраницата Јалопник, рекордот ќе успееше и доколку Болиан продолжеше да вози до Западниот Брег со почитување на брзинските ограничувања. Но, тој немаше таква намера. Просечната брзина на патот долг 4.528 километри изнесуваше 158 километри на час. Тоа е далеку над брзинските ограничувања во која било држава на патот.
Податоци од GPS како доказ за рекордот
Ед располага со податоци од GPS со кои што може да го докаже соборувањето на рекордот. Досегашен рекордер на Кенонбол беше Алекс Рој, кој извозе за 31:04 часови. Идејата за овие вратоломии потекнува од легендарната трка Кенонбол од Њујорк до Лос Анџелес. Извесен Едвин Бејкер во 1933 година го совладал долгиот пат за 53:30 часови.
Проблем е тоа што Болиан не смее да ги објави GPS-податоците и официјално да се пофали пред светот, затоа што мора да стравува од правните консеквенци. Пред неколку месеци, еден возач го извозе Менхетен во рекордно време и го објави видеото од возењето на YouTube. Сега тој мора да одговара кривично пред американските власти.