Замена на моторно масло без валкање и без потреба од сервис? Кој возач не сонува за тоа? Castrol разви револуционерна технологија, за моторното масло да се менува исто како патрон на печатар.
Замислете дека за секое обновување на мастилото би морале да го размонтирате печатарот, темелно да го исчистите резервоарот и на крајот во него да дополните свежо мастило од малечки ампули. Секако дека такво нешто е незамисливо. За среќа, техничарите веќе одамна имаат измислено заменливи патрони, со кои целата процедура е едноставна и брза.

Истото во иднина ќе биде можно и кај нашите автомобили, барем така веруваат во Castrol. Техничарите на фирмата со моторните масла развија систем што ќе воведе револуција во класичната замена на маслото во сервисните работилници. Изумот се води како Nexcel и овозможува старото моторно масло да се замени со ново исто како кај печатарот дома или на работа. Сé во еден потег, заедно со филтерот за масло.
Целата постапка на освежување на животниот сок на моторот ќе трае околу 90 секунди, што е 13 пати покусо од класичната замена на масло, за која е потребно да се издвојат 20 минути. Според Castrol, фирма во сопственост на гигантот BP, нивната нова технологија претставува најголема иновација во замената на масло во целата автомобилска историја.
Дури и изгледот на патронот за масло потсеќа на патрон за печатар
Во интерес на животната средина, новиот и исклучително чист систем за замена на старото масло овозможува маслото да се рециклира до 100%. Castrol пресметува дека во случај сите автомобили во светот да бидат опремени со Nexcel, годишно би се заштедиле преку 200.000 цистерни со свежо произведено моторно масло. Покрај тоа, посетата на сервисните работилници ќе трае уште покусо и нема да постои потреба претходно да се договара слободен термин. Сопственикот едноставно се упатува во сервисот, и додека го испие кафето или ја провери електронската пошта, моторното масло во неговиот автомобил веќе ќе биде заменето. Производителот ветува дека замената на маслото според технологијата Nexcel нема да биде поскапа од конвенционалната замена – притоа, веројатно се сема во предвид дека трошокот за работна рака е помал.
Новиот изум не е без проблеми: Вградувањето отпосле не е можно
Животната средина ќе профитира од уште една предност на технологијата. Во патронот Nexcel се наоѓаат неколку електронски компоненти, вклучувајќи и сензори за следење на квалитетот на маслото и на потрошувачката на масло. Со оваа интелигентна технологија се овозможува моторното масло да се дозира точно според моментната потреба на моторот, што е корисно првенствено по стартувањето на незагреан мотор.
Патронот содржи помала количина масло и се загрева значително побрзо, со што се намалува триењето во моторот. Кога моторот работи полесно, потрошувачката е пониска, а со тоа и емисијата на СО2 се намалува. Системот Nexcel мина ригорозни тестирања во последните три години во разновидни мотори, почнувајќи од малечок трицилиндарец во градски автомобил до чистокрвен тркачки мотор.
Nexcel би издржал дури и запирање од 100 km/h за 1,6 секунда
Nexcel издржува и екстремни услови на експлоатација. Максималниот проток на масло може да достигне 600 литри во минута, односно десет до дваесет пати повеќе отколку во класичните системи за подмачкување во моторите. Кутијата што е малку поголема од акумулатор ја задржува способноста за подмачкување и при сили на забрзување што се 1,8 пати поголеми од земјината гравитација. За претстава, тоа е сила што би се појавила кога од 100 km/h би запреле во место за само 1,6 секунда!

Додека техниката пристигне во секојдневието ќе бидат потребни уште најмалку пет години. Системот не може едноставно да се приклучи на обичен мотор, туку истиот мора да се предвиди уште во најраната фаза на развој на моторот. Според тоа, предуслов за новата технологија да заживее е производителите на автомобили да ја предвидат истата при развојот на следната генерација мотори. Вградување отпосле е невозможно. Castrol моментно преговара со неколку производители на автомобили и планира да се вклучи во синџирот на оригинални фабрички добавувачи.
Можностите на Nexcel беа промовирани во тркачкиот Aston Martin Vulcan, каде што екстремниот погонски агрегат работи со суво подмачкување, односно со техника што поради скапите трошоци може да се користи во мал број сериски автомобили. Porsche 911 е еден од нив. Castrol најавува дека ќе ја направи технологијата достапна за обичните мотори со картер за масло за околу две години.
















