Новата генерација на Audi Q5 пристига в година

Прототипот од идниот Audi Q5 се појави пред објективите на „карпараците“ речиси немаскиран. Конкурентот на BMW X3 ќе биде полесен и ќе се нуди и во хибридна верзија, со нови мотори и одлично наследство од актуелниот модел.

Концернот Volkswagen нема време да „кризира“, мора да се работи на нови модели, особено во сегментот на спортските теренци и кросовери, каде што во последните години нема доволно возила колку што има купувачи. Секако дека и Audi има соодветен одговор на бумот во СУВ-сегментот и во следните години ќе воведе три комплетно нови модели во својата понуда: Q2, Q6 и Q8. Но, паралелно со проширувањето на „теренската“ понуда, мора да се обновуваат и постоечките модели. Пред објективите на „карпараците“ деновиве се појави прототипот на идниот Audi Q5, со минимално маскирање.

Новиот Audi Q5 ќе биде како мини-изведба на луксузниот Q7

Од тоа што го откриваат првите неофицијални фотографии со конечниот изглед на спортскиот теренец од средната класа, може да се забележи дека пропорциите на новиот Q5 во основата се идентични со оние на претходникот. Затоа, пак, не може да се превидат влијанијата од актуелниот дизајнерски говор што беа применети кај штотуку обновениот „теренски“ знаменосец Audi Q7. Во задните светла се препознаваат формите што ги има и новиот Audi A4. Тоа не е случајно, затоа што Q5 ја користи платформата од лимузината од средната класа.

Актуелниот модел имаше премиера во 2008 година.  Продажбата на спортската верзија SQ5 TDI бележи одлични бројки, од неодамна со верзија „plus“ со 340 КС
Актуелниот модел имаше премиера во 2008 година. Продажбата на спортската верзија SQ5 TDI бележи одлични бројки, од неодамна со верзија „plus“ со 340 КС

Под ламарината се наоѓа модифицирана варијанта на новата платформа MLB-Evo на Audi, којашто во иднина ќе ја имаат повеќето модели, почнувајќи од Audi A4 нагоре. Главната придобивка од оваа платформа е иста како кај новите изданија на Audi A4 и Q7, односно драстично намалување на тежината. Со тоа следат и сите „неспоредни“ придобивки, како поголема економичност, подобрена динамика во возењето и подобрени можности за оптимизација на возниот комфор. Дополнително, оваа платформа овозможува и значителен степен на електрификација на погонската спрега.

Тежината на новиот Audi Q5 ќе биде пониска за 100 килограми

Намалувањето на тежината за 325 килограми, колку што е постигнато кај големиот брат Audi Q7 нема да се реализира кај новиот Q5, но и стоте килограми што треба да ги ослабне овој модел не се малку, особено покрај порастот во димензиите на каросеријата. Актуелниот модел во зависност од опременоста и погонот тежи меѓу 1,8 и 2 тони.

Во погонската понуда за првпат ќе се најде плагин-хибрид, во комбинација на четирицилиндарскиот 2.0 TSI со 252 КС и два електромотора. Едниот електромотор ќе биде задолжен за предната, другиот за задната оска, по пример на E-quattro, односно исто како кај студијата Allroad Shooting Brake од салонот во Детроит во 2014 година. Остатокот од понудата на мотори ќе го сочинуваат погонските единици со четири и шест цилиндри од новиот A4. Подоцна ќе следува и спортската изведба SQ5 TDI со околу 330 КС. Огромниот продажен успех на актуелниот SQ5 на пазарите во САД и Канада може да добие продолжение со петцилиндарскиот бензинец со турбонатполнење од RS Q3, чијашто продажба исто така минува одлично.

Производството стартува во средината на 2016 година

Во ентериерот ќе има многу сличности со големиот Q7. Актуелната гордост на Audi, виртуелниот кокпит со дисплеј од 31 сантиметри од TT, секако дека не смее да отсуствува ниту во идниот теренец. Новата генерација на Audi Q5 ќе стартува со производство во средината на следната година во фабриката во Мексико. Актуелниот модел на македонскиот пазар стартува од 40.922 евра, во верзија со дволитарски TDI со 143 КС, односно од 44.355 евра, за верзија со погон на сите тркала Quattro.

Претходна објаваОвој автомобил на Lexus буквално е пораснат на дрво
Следна објаваИзум на Castrol: Замена на масло исто како замена на патрон за печатар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here