за ,

ЕСЕН МОТОРШОУ 2013: Собир на позитивно луди автомобилџии

За повеќе од 300.000 љубители на автомобилизмот, салонот во Есен секоја година е настан што не се пропушта. Тоа што премиерите на нови модели се реткост и штандовите се неугледни никому не пречи.

Од 30-ти ноември до 8-ми декември ќе грми, тресе и чади во сите 18 хали на саемот во германскиот град Есен. Преку петстотини изложувачи од 20 земји ќе прикажуваат околу 1.100 експонати покрај скромно облечените девојки. За разлика од големите салони во Париз, Франкфурт или Женева, производителите на сериски автомобили се наоѓаат во подредена улога на салонот во Есен. Шармот на Есен Моторшоу го даваат малите тјунерски фирми и приватните ентузијасти, коишто се само вовед во еуфоријата што следува во секцијата за мотоспортот. Меѓу другото, таму се случува и финалето во гимкана дрифт.

Кај големосериските производители е многу постерилно. Opel се повикува на долгата традиција во мотоспортот и како салонска премиера го прикажува Opel Adam Rallye 2. Возилото за купот Adam има 185 КС, односно 45 коњски сили повеќе од сериската верзија на најмалечкиот модел на Opel. Актуелната ѕвезда на марката со молњата, концептот Monza, исто така не отсуствува.

Еден од тјунираните автомобили што ќе привлекува најголемо внимание во Есен несомнено е Brabus 850 6.0 V8 Biturbo, за кого шефот Бодо Бушман се шегува дека е „совршен автомобил за превоз на песот миленик“. Комбито се базира на Mercedes E 63 AMG и располага со 850 КС и импозантен вртежен момент од 1.450 њутнметри.

Посебна хала е наменета за концептните возила, каде што посетителите ги пречекува Mercedes Ener-G-Force. Полициското возило на иднината беше прикажано минатата година на салонот во Лос Анџелес, со електричен погон со автономија од 800 километри. Експерименталното возило Brutus чисто теоретски може да се класифицира како концептно возило, но тоа нема ништо заедничко со иднината на автомобилите. Во шасијата на болидот La France од 1907 година е стиснат авионски мотор од BMW со работна зафатнина од 47 литри и со потрошувачка од преку 200 литри на час.

Во споредба со Brutus, потрошувачката на Maserati Tipo 300S е занемарлива. Овој модел на Италијанците е дел од специјалната изложба посветена на стогодишнината на Maserati. Моторот со 260 КС овозможуваше возилото од 1950-те години да постигне брзини од преку 300 километри на час. Досега не постоела поголема изложба на историски модели на Maserati од оваа во Есен.

Вообичаено, најголемиот дел од салонот во Есен отпаѓа на водечките фирми во автомобилскиот тјунинг, кои се докажуваат во нивното мајсторство да ги направат возилата побрзи, поагресивни и колку е можно повеќе прилепени за асфалтот. Изложувачите нудат и најразличен прибор и делови за возила, модели на автомобили, списанија за колекционери, вредни олдтајмери. Сето тоа го прави салонот во Есен совршено место за собирање на позитивно луди автомобилџии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Берни продава книга за формула 1 за милион долари

Експерти тврдат дека нафта ќе има уште долго