за

Електричниот BMW доживеа премиера во Њујорк, Лондон и Пекинг

bmw i3 premiera

Групaцијата BMW денес ја прикажа премиерно сериската верзија на нивниот автомобил на струја i3, со паралелна презентација во три светски метрополи. Продажбата стартува во ноември, цената е 35.000 евра

Иако е целосно различен во погонскиот концепт, BMW i3 ги носи истите спортски гени како и останатите модели од баварската марка. Како револуционерен модел за марката и за браншата, i3 поставува нови стандарди во секое подрачје, од развојот, производстото, па сé до продажбата.

Досегот од 130 до 160 километри е повеќе од доволен за секојдневно возење

Со полни батерии, BMW i3 може да извози меѓу 130 и 160 километри. Искуствата на групацијата BMW со тестирањата на прототипите Mini E и на BMW ActiveE покажаа дека овој досег е повеќе од доволен за најголемиот дел од возачите, покрај фактот што светскиот просек на дневна километража изнесува само 64 километри.

[slideshow id=83]

Доколку сопственикот бара поголема автономија, може да доплати за дополнителен бензински мотор, кој служи само за полнење на литиум јонските батерии. Оваа функција ја презема двоцилиндарскиот бензинец со 34 КС кој потекнува од понудата на мотоцикли на BMW и вграден е веднаш до електромоторот за погон на задната оска. Со бензинскиот мотор, досегот се зголемува на 300 километри.

Ниски оперативни трошоци и интерес во целиот свет

BMW i3 ќе стартува со продажба во ноември, прво во Германија и на другите поголеми пазари во Европа, за од почетокот на следната година да биде достапен и во САД, Јапонија и Кина. Основната верзија на моделот во Германија чини 34.950 евра, додека во верзијата со дополнителен мотор цената изнесува 39.450 евра.

[slideshow id=84]

Оперативните трошоци, вклучувајќи ги трошоците за струја и за сервисирање во германски услови и во период од три години се 40 проценти пониски во споредба со BMW 320dA, најштедливата дизелска изведба на лимузината од серијата 3. Во зависност од субвенцијата и другите повластици, оваа предност во другите земји може да биде значително поголема.

Повеќе од 1,2 милион фанови на фејсбук и преку 90.000 пријави за тест возење на автомобилот на струја сведочат за огромниот интерес на јавноста за моделот BMW i3 и за идните модели од подмарката специјализирана за погон на струја BMW i.

BMW i3 поседува исклучително лесна каросерија изработена од карбон

Новиот модел е иновативен во секое подраје, освен во погонот. Каросеријата е изработена од карбон, во специјална постапка што ја смалува цената за производство, додека за подвозјето се користи лесен алуминиум. Со 1.195 килограми, i3 е полесен од повеќето возила во компакт сегментот, иако го има дополнителниот товар од батериите, а во исто време нуди значително повеќе простор во кабината во споредба со другите возила со слична должина.

Ниската тежина придонесува за лесната возливост на BMW i3. Електромоторот постигнува моќност од 170 КС, како и вртежен момент од 250 њутнметри, кои стојат на располагање уште при поаѓањето. Забрзувањето до градското темпо од 60 километри на час изнесува 3,7 секунди, а до сто за 7,2 секунди. Заради зачувување на наполнетоста на батериите, брзината е ограничена електронски на 150 километри на час.

За производството се користи енергија добиена од ветер

Одржливоста на животната средина е основна премиса за групацијата BMW. За производството на BMW i3 во фабриката во Лајпцих се користи исклучиво струја добиена од енергијата на ветрот. Дополнително, со оптимирање на произцводствениот процес, потрошувачката на енергија е смалена за 50, а на вода за дури 70 проценти во споредба со производството на останатите модели на BMW.

Во 2013 година ќе се продадат повеќе од 150.000 возила на струја на глобално ниво

Светскиот пазар за возила со погон на струја се развива брзо. Во минатата година беа регистрирани 93.000 возила на струја на глобално ниво, а до крајот на оваа година се предвидува бројката да надмине 150.000 примероци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi нуди шестпати побрз интернет во своите модели

Повторно рекордерот: Со 100 евра од Италија до Скандинавија