за

Европа в година со нови тестови за издувни гасови за автомобилите

Од следната година Европа ќе користи нови методи за тестирање на вредностите на издувните гасови. Штетната емисија на неразградливи честички и азотни оксиди ќе се мери во реално возење, додека во лабораторија ќе се користи нов циклус за тестирање на емисијата на СO2 и на потрошувачката на гориво и на струја.

Причината за воведувањето нови тестови е високото ниво на аерозагаденост во градовите, коешто не се намалува иако новите автомобили ги исполнуваат строгите барања за квалитетот на издувните гасови. Независните мерења покажаа дека особено емисијата на азотни оксиди во реални услови на возење е неколкукратно повисока од граничната вредност при хомологацијата на автомобилите поради тоа, емисијата на неразградливи честички и азотни оксиди на патничките автомобили од септември следната година ќе се мери во реален сообраќај.

Новите тестови WLTP (Worldwide Harmonized Light-Duty Vehicles Test Procedure) ќе ги заменат актуелните тестови на потрошувачката на гориво и СО2 во лабораториски услови, коишто датираат од пред три децении.

Максималната брзина на тестовите се зголемува на 131 километри на час

Условите за тестирање во лабораторија се менуваат. Тестирањето во иднина ќе биде подолго за десет минути и возилото ќе мине во мирување само 13 проценти од времетраењето на тестирањето. Целиот циклус симулира возење во должина од 23,25 километри, што е двапати подолго во споредба со актуелниот циклус. Крајната брзина место 120 километри на час ќе изнесува 131 километри на час. Покрај тоа, дополнително се зема предвид и влијанието на дополнителната опрема на возилото врз тежината, аеродинамиката и оптоварувањето на струјната мрежа.

За мерењето ќе се користи преносен мерен систем, којшто се поставува на задниот дел од возилото и се поврзува со издувната цевка, заради точно мерење на штетната емисија. Во почетниот период, законодавството ќе дозволува автомобилите неколкукратно да ги пречекорат граничните вредности, односно реалната емисија на штетните материи на автомобилите може да биде до 2,1 пати повисока од актуелниот лимит. Од јануари 2020 година, оваа толеранција ќе се намали на 50% над лимитот, односно ќе биде четирипати помала.

Разликата меѓу фабричките норми и реалната потрошувачка ќе се преполови

Целта на новите методи за тестирање е да се добијат пореални вредности за потрошувачката на гориво. Според досегашните истражувања, разликата меѓу потрошувачката на гориво што производителите на автомобили ја наведуваат во техничките податоци и потрошувачката на гориво во реален сообраќај ќе се преполови. Точниот ефект ќе се знае дури откако ќе стапат на сила новите норми.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Безбедносниот систем на „терор-камионот“ во Берлин спречил поголема трагедија

Овие моделски новитети пристигаат во 2017 година