Европските добавувачи на автоиндустријата се најдоа на дневен ред на Комисијата на ЕУ. Нив им се закануваат казни поради нарушувања на конкурентноста во висина од стотици милиони евра.
Кога во шефовските одделенија на големите фирми ќе се проговори името Жоакин Алмунија, дури и на врвните менаџери им смрзнува крвта во жилите. Комесарот за пазарна конкуренција во ЕУ не умее да прости кога се работи за прекршување на пазарните правила. Алмунија е беспоштеден кога претпријатија склучуваат спогодби што не се во согласност со правилата на конкуренцијата, при злоупотреба на доминантна положба на пазарот и при превземања на фирми што може да доведат до пазарен монопол, исто како и во случаи на државни субвенции што ја потиснуваат странската конкуренција.
Производители на автостакла во 2008 година беа казнети со 1,4 милијарда евра
Во случај на потешки прекршоци, комесарот може да изрече казна во висина и до десет проценти од годишниот промет на претпријатијата. Во минатата година Комисијата на ЕУ изрече повеќе казни од сличните институции во САД, Кина и Јапонија заедно. Досегашниот рекорд од 1,7 милијарда евра го држи меѓународен конзорциум од шест банки заради манипулации со референтната каматна стапка. На второто место на неславната листа е картел за автомобилски стакла, во кого припаѓаат Compagnie de Saint-Gobain (Франција), Guardian (САД), Pilkington (Велика Британија) и Asahi (Јапонија). Во 2008 година „стаклениот гигант“ беше казнет со 1,4 милијарда евра поради илегални договарања на цени.
Комесарот за конкурентност на ЕУ најавува тешки времиња за браншата
Досега нема други претпријатија од автоиндустријата на ранг листата на највисоки казни во ЕУ. Но, тоа може да се смени во следните неколку месеци, откако Комисијата уште пред две години им фрли око на добавувачите на автоконцерните. Алмунија најави тежок период за браншата, во интервју за германскиот ФАЗ: „Постои сомневање за картели кај речиси сите делови што се вградуваат во автомобилите. Тоа е неверојатно.“
Bosch и Continental исто така се на списокот
Како прва жртва во минатото лето паднаа добавувачите на кабли, кои беа казнети со 140 милиони евра, од кои 125,3 милиони паднаа на товар само на јапонскиот концерн Yazaki. Но, тоа беше само почетокот. На списокот на претпријатија што ќе бидат прочешлани спаѓаат на пример производители на безбедносни ремени, воздушни перници, волани и клима уреди, но и производители на каросериска ламарина, изолација на кабина или облоги на врати. Гигантите Bosch и Continental исто така се на списокот.