Дизајнерска екскурзија: BMW CS Vintage Concept

Многумина љубители на BMW сметаат дека купеата од серијата Е9 се најубавото од баварската марка. Индустрискиот дизајнер Давид Обендорфер го креираше можниот наследник на легендарниот модел.

Како и секој голем автомобил, и овој има долга историја. Во 1965 година, BMW ја збогати понудата во „Новата класа“ со елегантното купе 2000 C/CS од серијата Е120. Каросеријата ја дизајнираше Вилхелм Хофмајстер, чиј што препознатлив потег во долниот крај од задниот прозорец го краси изгледот на секој модел на BMW до денес – оттаму и името на овој детаљ, „Хофмајстер-Кник“.

Првиот дизајн на купето не им се допаѓаше на сите. Имаше многу критики за превисоко поставените предни светла. Овој проблем беше коригиран во 1968 година, кога стартуваше и лимузината 2500/2800 со новите шестцилиндарци од легендарната генерација М30. Логично беше овој мотор да се вградува и во купето, но поради тоа што во кошот немаше доволно место за него, мораше да се преработи дизајнот на носот на купето. Тоа беше задача за Џовани Микелоти. Италијанскиот дизајнер погоди во сржта, автомобилските ентузијасти лудуваа по овој автомобил. Купето CS од серијата Е9 се произведуваше во Karmann до 1975 година, а наследникот, серијата 6, ги презеде основните црти на моделот.

Сега е ред на Давид Обендорфер да ги заживее сеќавањата на CS. Во минатото тој исфрли неколку ретро дизајни, меѓу другото и на Renault 4 и Fiat 127. Но, се чини дека BMW E9 сепак е големата слабост на овој индустриски дизајнер. Предниот дел од возилото што се води како BMW CS Vintage Concept потсеќа на 2000 CS, особено со големите и исправени „бубрези“ на BMW. Кабината следи минималистички принцип, со четири тркалезни инструменти кои всушност се мини дигитални дисплеи. Студијата веројатно нема да се реализира во сериски модел. Баварците моментално се повеќе зафатени со ванови со преден погон и трицилиндарски мотори од Mini. Но, секогаш е добро кога човек ќе се присети на E9!

Претходна објаваМистер Ленд Ровер заминува во пензија
Следна објаваMercier Jones Supercraft: Идентификуван нисколетачки објект

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here