Информацијата вреди пари – особено на автомобилскиот пазар. Кој знае ќе купи поголем и посилен автомобил по цена на малечок автомобил, семејна Opel Corsa по цена на урбана Fiat Panda.
Конкурентската битка меѓу марките на нашиот пазар никогаш не била посилна, а во исто време продажбата никогаш не била на пониско ниво отколку во оваа година. Заклучно со минатиот месец, во Македонија се увезени 2.456 нови патнички возила, што претставува намалување од околу 7 проценти во споредба со трите квартали во минатата година. Ако, пак, се спореди со 2009, последната година кога продажбата изнесуваше над 10.000 нови патнички возила, падот изнесува преку 300 проценти! Дилерите се борат буквално за секој купувач.
Во услови на намалена купувачка моќ, познавачите велат: Кој купува добива, кој продава губи. Ѓаволската спирала на одење со цените удолу се чини дека повеќе нема каде да води. Тоа што е лошо за продавачите, добро е за купувачите. За некого повеќе, за некого помалку.
Колку е беспоштедна битката покажува последната акциска понуда на Opel на македонскиот пазар. Таа гласи: Opel Corsa со пет врати, 1,2-литарски бензинец од 85 КС и ниво на опрема Selection, збогатено со пакет Comfort, по цена од 9.390 евра, односно по цена на автомобил од пониската класа. Тука нема ситно напишан текст во кого што би се наведувало дека понудата важи само во случај кога во пакет се купуваат уште две „Антари“, ниту пак во маркетиншкиот настап се набројуваат ставки од опрема и се спомнуваат мотори што со понудениот модел имаат заедничко колку јаболка со круши. Ова личи на чесна понуда.
Тоа што ја прави понудата особена не е толку опремата, колку што е моторот. Место со основниот мотор, Opel ја нуди Corsa со посилниот мотор со 85 КС, кој што при првото излегување на автопат сигурно нема да се преоптовари и да надомести за сета штедливост што претходно ја покажал во град и да потроши гориво колку шестцилиндарец.
Како дел од пакетот опрема што следува гратис во акцијата, покрај попустот во цената на возилото, влегуваат клима уред, радио со команди на волан, електрика на прозорци, централна брава, патен компјутер и темпомат. Вредноста на оваа опрема според официјалниот ценовник на Opel изнесува околу 1.000 евра. Дополнително се добива и брилијант боја на каросеријата во вредност од 150 евра. На крај, место повеќе од 11.000 евра, Corsa чини 9.390 евра, односно попустот изнесува околу 20 проценти.
Помалечкиот автомобил има шанса да се докаже во штедливоста
Како противпонуда од конкуренцијата се наметнува новата Fiat Panda, која што со споредливо ниво на опрема и исто така 1,2-литарски мотор, но со 69 КС место 85 КС, чини 9.190 евра. Разликата од 200 евра е незначителна во оваа споредба на возила од две различни класи. Во обата случаи се работи за акциски цени, при што кај Fiat попустот изнесува 500 евра за конкретниот модел. Логичен заклучок е дека понудата на Opel е поатрактивна од онаа на Fiat. Но, можеби сепак постојат некои подрачја во кои што помалечкиот автомобил може да се докаже, на пример во штедливоста, во функционалноста, или можеби во перформансите, поради пониската тежина, и со тоа да претставува подобар избор.
Само бонусот опрема во Corsa вреди 1.000 евра
При директна споредба на опремата се покажува дека Corsa е во предност пред Fiat со длабинското местење на воланот и висинското местење на возачкото седиште, радиото со команди на волан – за што кај Fiat се доплаќа 400 евра – како и во темпоматот, лакираните ретровизори и рачки на вратите, брилијантниот лак на каросеријата и патниот компјутер. При доплата за овие ставки што му недостигаат на Италијанецот, цената на Panda би се зголемила за околу 1.000 евра. Притоа, дел од ставките кај Fiat се достапни дури во средното ниво на опрема Easy, кое чини 500 евра над основното. Затоа, пак, Panda возвраќа со поделената задна клупа и со воздушните завеси, но на крајот Opel останува во предност.
Опрема | Fiat Panda 1.2 Pop | Opel Corsa 1.2 Selection |
Централна брава | С | С |
Висинско/длабинско местење на волан | С/- | С/С |
Висинско местење на возачко седиште | – | С |
Клима уред | С | С |
Електрика на предни прозорци | С | С |
Радио / команди на волан | 350 / 50 евра | С/С |
Лакирани ретровизори | – | С |
Лакирани рачки на врати | – | С |
Темпомат | – | С |
Брилијант лак | – | С |
Патен компјутер | – | С |
Воздушни перници | 4 | 2 |
Поделена задна клупа | С | – |
Легенда: С = сериска опрема; – = не е достапно |
Просторната понуда секако е неспоредлива, сепак се работи за возила од две различни класи. Меѓуоскиното растојание кај Corsa е поголемо за 21 сантиметри, а и ширината на трагата на предната и задната оска е за најмалку седум сантиметри поголема отколку кај Panda. Тоа најдобро ја покажува разликата во големината. Предноста на Германецот се манифестира и во багажникот. Со 285 литри, Corsa нуди 60 литри повеќе простор за багаж, односно 230 литри повеќе при соборена задна клупа – Германецот има еден стандарден багажник на Panda повеќе кога ќе се соборат седиштата.
Fiat троши само 0,3 литри бензин помалку од Opel
Преостанува уште штедливоста. Можеби Fiat тука ќе ја искористи предноста од помалата тежина и ќе се докаже како подобра понуда за истите пари од Opel. Според фабричките мерења, Fiat троши во просек 5,2 литри бензин на сто километри, додека Opel бара 0,3 литар повеќе. Според тоа, при 10.000 километри во годината, Corsa ќе потроши 30 литри повеќе гориво, што при актуелните цени изнесува 2.340 денари. Ова е сепак занемарлив дополнителен трошок за гориво, ако се земе во предвид поголемиот комфор и поголемата безбедност при возење на отворено поради посилниот мотор на Corsa. Поради поголемата челна површина и поголемиот отпор на воздух, што произлегува од шесте сантиметри за кои што Panda е повисока од Corsa, при возење на отворено соодветно би се зголемила потрошувачката кај Италијанецот.
Технички податоци | Fiat Panda 1.2 8V 69 HP | Opel Corsa 1.2 Twinport Ecotec |
Мотор | ||
Број на цилиндри / вентили | 4 / 8 | 4 / 16 |
Пречник и од [mm] | 70,8 х 78,9 | 73,4 x 72,6 |
Работна зафатнина [cm3] | 1242 | 1229 |
Моќност kW(KC)/min | 51 (69) / 5500 | 63 (85) / 5600 |
Вртежен момент [Nm/min] | 102 / 3000 | 115 / 4000 |
Димензии и тежини | ||
Растојание меѓу оски [mm] | 2300 | 2511 |
Трага напред/назад [mm] | 1409/1407 | 1485/1478 |
Должина х ширина х висина [mm] | 3653 х 1643 х 1551 | 3999 x 1737 x 1488 |
Круг на вртење [m] | 9,3 | 10,2 |
Багажник [L] | 225-260/870 | 285/1100 |
Гуми | 175/65 R 14 82T | 185/70 R 14 88T |
Празно возило [kg] | 1015 | 1145 |
Перформанси | ||
Крајна брзина [km/h] | 164 | 172 |
0-100 km/h [s] | 14,2 | 13,6 |
Потрошувачка [L/100 km] | ||
Град | 6,7 | 7,2 |
Отворено | 4,3 | 4,5 |
Просек | 5,2 | 5,5 |
Емисија на СО2 [g/km] | 120 | 129 |
[box type=”success” ]Обата автомобила се добри, обата се имаат докажано во своите класи. Но, токму фактот што се работи за возила од две различни класи не му остава простор на помалечкиот автомобил да се докаже како подобар избор за истите пари. Opel Corsa е поголема, поопремена, покомфорна, побрза и посилна, а како возило од повисока класа и вредноста при препродажба ќе биде повисока. Fiat може да ги искористи помалата големина и пониската тежина во потрошувачката на гориво, но разликата од 30 литри гориво при 10.000 километри во годината е премала за да се спротивстави на предностите на Opel.[/box]