Гумите кои овозможуваат при продупчување да се вози уште 80 километри до најблискиот сервис се практични, но имаат неколку недостатоци. Сега тие се надминати
Најголемиот европски авто клуб ADAC тестираше гуми со продолжена автономија од последната генерација и утврди значително подобрување на коснтрукцијата на овие гуми кои обично дозволуваат при продупчување да се продолжи возењето уште 80 километри со брзина до 80 километри на час. Главните проблеми на овие гуми беа намалениот комфор и зголемената потрошувачка, поради зајакнатите ѕидови на гумата и поголемата тежина во споредба со обични гуми.
Според клубот, овие недостатоци се речиси целосно надминати, како што покажа тестот со последната генерација гуми со продолжена автономија од марката Bridgestone. Овие гуми се вградуваат сериски во новите модели на BMW и во комфорот и потрошувачката не отстапуваат значително од гумите со конвенционална градба. Овие гуми на Bridgestone наскоро ќе бидат достапни и во слободна продажба.
Еден недостаток останува и натаму. Комплет гуми со продолжена автономија е околу 300 евра поскап од комплет обични гуми. Од таа причина, гумите се вградуваат фабрички само кај моделите на премиум марките. Друга практична предност на овие гуми е ослободувањето повеќе простор во багажникот, затоа што со нив нема потреба од резервна гума или сет за поправка на гума со компресор.