Полициска контрола во Атина утврдила дека поранешниот министер за сообраќај Михалис Лапис вози теренец со фалсификувани таблички. Човекот сакал само да заштеди.
Грчките сообраќајци сигурно не можеле да си поверуваат на очите. При редовна контрола во предградие во Атина, полицајците го фатиле поранешниот прв човек за сообраќај Михалис Лапис со фалсификувани регистерски таблички на неговиот скап теренец. За срамотата за министерот да биде уште поголема, возилото не било ниту осигурано.
Службениците го притвориле поранешниот министер кој возел и без возачка дозвола. Државниот обвинител сега ќе решава за судбината на 62-годишникот. Според претпоставките на полицијата, Лиапис ги предал оригиналните регистерски таблички во даночната управа, за во иднина да биде ослободен од плаќање даноци. Лиапис, кој министеруваше во периодот од 2004 до 2007 година, потоа на своето скапо теренско возило ги поставил фалсификуваните таблички. На политичарот е можно да му биде изречена казна во висина до 15.000 евра, како и неколкумесечна затворска казна. За минатата година екс-министерот има пријавено приход од 109.223 евра, а поседува и 20 станови и осум ниви.