за

Време е за пролетно освежување на автомобилот

Зимата се повлекува, но трагите што таа ги оставила врз возилата остануваат. Миењето на возилото треба да го опфати и целиот под, вклучувајќи ги деловите од подвозјето, кадешто се имаат нафатено солта и нечистотијата од зимското возење. Функционирањето на техниката исто така треба да се провери и возилото да се подготви за новите предизвици што ги носи пролетта.

Солта на патиштата, камчињата и нечистотијата се голем непријател на автомобилот во студеното годишно време. Сега е потребно темелно пролетно чистење однадвор и однатре. Тоа е важно за безбедноста во возењето, но и за задржувањето на вредноста на возилото. Не треба да се пропушти проверка дали на сопирачките дискови има нафатено корозија. Се препорачува и проверка на состојбата на течноста за сопирачки, како и на амортизерите, а тоа е најдобро да се изврши во сервисна работилница.

Политурата ја штити каросеријата од агресивниот птичји измет

Автоматските перални се најдобриот начин за темелно отстранување на зимската нечистотија од надворешноста, затоа што повеќето од нив нудат програма во којашто со силен млаз се чистат и подот и деловите од подвозјето. Овие програми можат да бидат и неколкупати поскапи од обичната, но на тоа мора да се гледа како на зачувување на состојбата на возилото. По минувањето низ автоматската перална сепак треба уште малку да се поработи. Нечистотиите од рамките на вратите и од местата што се недостапни за млазот треба да се отстранат со мек сунѓер и многу вода.

http://automedia.mk/objavi/14723

Откако лакот ќе биде чист потребно е да се провери дали на површината има удари од камчиња. За поправка на овие места можат да послужат фломастерите со лак од продавница за автомобилски прибор. Оштетувањата можеби изгледаат мали, но токму од нив може почнува нагризувањето на површинскиот лак. На крајот е добро каросеријата да се премачка со политура, којшто ќе го штити лакот од агресивниот птичји измет или од смолата од дрвата. Подобрите средства можат да постигнат и заштита од помали механички оштетувања на лакот.

Долго проветрување со отворање на сите врати ја отстранува влажноста од кабината. Тоа ја спречува корозијата. Влагата од теписите се извлекува со поставување стари весници под патосниците. Непријатната миризба од кабината се отстранува ако во неа преку ноќ оставите чинија со кафе. Нормално дека потоа следи темелно вшмукување на подот. Потешко достапните места и решетките на отворите за проветрување се чистат најдобро со стара четка за заби или со памучно стапче.

Отстранување на мрсниот слој од внатрешноста на стаклата

Чистите стакла се предуслов за добра видливост и безбедност во возењето. Долготрајното возење со вклучено греење и вентилатор во текот на зимата остава мрсен слој врз стаклата. Овој слој може да предизвика непријатни и опасни рефлексии кога сонцето е ниско или при ноќно возење. За отстранување на овој слој може да се користи обичен кујнски детергент што ја раствора мрснотијата.

Зимата ги погодува и метличките на бришачите. Доколку остануваат траги врз ветробранот, бришачите треба да се сменат, затоа што им претстои нов предизвик со пролетните дождови.

На 15-ти март завршува и обврската за поседување зимска опрема во возилата. Освен замената на зимските со летни пневматици, секако дека не треба да се заборави синџирите и останатиот зимски прибор да се отстранат од багажникот, затоа што секој дополнителен килограм во возилото значи и дополнителна потрошувачка на гориво.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel стартува со продажба на новиот Crossland X

Alpine A110: Автомобилот што (ниту) Renault не ќе го направеше подобро