Уште пред да се појави во салоните на марката во Британија, Peugeot доби 1.300 нарачки за новиот кросовер. На другите пазари е слична ситуацијата, 2008 излезе вистински погодок.
Француската марка има нов тркач во продажбата, кросоверот 2008. Откако стартуваше на европскиот пазар, Peugeot продаде повеќе од 32.000 примероци од трендовскиот автомобил на основа на моделот 208, што ги пречекори сите очекувања на марката.
Педантната статистика на Peugeot открива дека повеќе од две третини од нарачаните возила се дизелски модели, а најголем интерес владее за e-HDI 92 со ниво на опрема Allure. Втор најпопуларен модел е e-HDi 115 со врвното ниво Feline. Во обете нивоа на опрема, во комбинација со 1,6-литарски мотор, Peugeot 208 доаѓа сериски опремен со приспособливата контрола на тракција Grip Control, што укажува дека купувачите планираат да го користат возилото и надвор од асфалт, односно ја ценат дополнителната мобилност на возилото. Има податок и за нарачаните бои. Повеќе од една третина од возилата се бели, а следни најпопуларни се бисерно белата и сребрената боја.
Интересен феномен во продажбата на кросоверите од новата генерација е тоа што купувачите се решаваат за поскапите модели, со посилни мотори и повисоки нивоа на опрема. За истите пари, би можело да се купи автомобил од повисока класа, но со основниот мотор и опрема. Очигледно се менува начинот на размислување на купувачите
Наспроти трендот на европскиот пазар, каде што генерално опаѓа продажбата на сите марки, Peugeot се држи одлично во Британија, со 56.253 возила во првата половина од годината, во споредба со 52.482 во ланскиот период. Тоа е повеќе од солидно зголемување од седум проценти. Најголемиот поттик на продажбата го дава Peugeot 208. Кросоверот 2008, чија продажба официјално стартува денес во Кралството, може да придонесе оваа година да биде и рекордна за марката. Кај нас Peugeot 2008 дебитираше во почетокот од јули, а првите примероци веќе се испорачани на клиентите.