Бестселерот во свежа форма: BMW ја стартува новата генерација на серијата 5

BMW ја прикажа седмата генерација на бестселерот меѓу бизнис лимузините. Новата серија 5 стартува со продажба во февруари. Дизајнот е сменет изненадувачки малку, но затоа има посветено големо внимание во автономното возење и во системите за асистенција. Ценовникот во Германија стартува од 45.200 евра за BMW 520d, додека топ-моделот M550i xDrive чини 82.700 евра.

Спортска, елегантна и со сигурен стил – така во BMW ја гледаат новата серија 5. Во развојот на седмата генерација на актуелниот бестселер меѓу премиум лимузините од вишата класа е посветено најмногу внимание во возната динамика, во системите за асистенција, поврзувањето со преносни уреди и вмрежувањето, како и во иновативното ракување.

Во првите шест генерации се продадоа над 7,6 милиони примероци од серијата 5 на BMW. Според шефот Харалд Кригер, „новата серија 5 не само што поставува нови стандарди во технологијата, туку одушевува и од емотивен аспект. Таа е и останува бизнис-лимузината.“

BMW Serija 5 (G30)

Со масовна примена на алуминиум и челик со висока цврстина, тежината е намалена до 100 килограми во споредба со претходникот. На тоа се надоврзуваат ново подвозје, ниско тежиште, типична распределба на тежината меѓу оските за BMW и лесна каросерија, со цел да се постигне максимална динамика во возењето во комбинација со комфор при патување на долги релации. Идните сопственици може да се решат и за „унапредување“ на подвозјето, со избор на опции како интегрално-активно управување, односно управување и на задните тркала, коешто сега може да се комбинира и со погон на сите тркала. Рекорд во класата поставува и коефициентот на отпор на воздух 0,22.

Стерео-камера во стандардната опрема на новата серија 5 на BMW

Серијата 5 отсега стандардно поседува стерео-камера, којашто го надгледува просторот околу возилото и може да се надополни со опционалните радарски или ултразвучни сензори. Покрај системот за избегнување пречка на патот и предупредување при наидување возило отстрана, нови се асистенцијата при промена на лента и системот за следење лента со активна заштита од страничен судир. Последниов систем ги следи лентите на патот, односно возилата во нив, за при опасност од страничен судир да интервенира во управувањето и да ја избегне опасноста.

BMW Serija 5 (G30)

Баварската лимузина напредува во правец на автономното возење. Како опција се нуди активен темпомат, кој може да ја преземе контролата над гасот, сопирачките и воланот уште од поаѓањето на возилото, па сé до 210 километри на час.

Заедно со генерациската смена на серијата 5 следува и нова генерација на iDrive. Во најскапата изведба, навигацијата, телефонот, музиката и функциите на возилото се прикажуваат на дисплеј од 10,25 инчи. Возачот може да ракува преку контролерот за iDrive, говор, движење на прстите или преку допирање на дисплејот. Полињата за ракување во дисплејот може да се разместат по желба на возачот и постојано ја прикажуваат содржината на менијата за одделните функции.

Особено внимание посветено во унапредувањето на комфорот во возење

Неколку нови прегради, повеќе простор за нозе на задната клупа и комфорни седишта со масажна функција се грижат за максимален комфор, исто како и местењето на седиштата преку сензори на допир или четиризонската клима со јонизација и парфимирање на кабината.

BMW Serija 5 (G30)

Значително смалување на бучавата во кабината е постигнато со специјална изолација на моторот (Syntac), на ветробранот и на таванот. Серијата 5 стандардно излегува од фабрика опремена со диодни светла, а како опција стојат на располагање адаптивни диодни светла, меѓу другото и со „супердолгите“ и незаслепувачки светла BMW Selective Beam, кои досегаат до 500 метри.

Меѓу новитетите во поврзувањето со преносни уреди и вмрежувањето се вбројува дигиталното резервирање и плаќање паркинг, интелигентно барање паркинг или опционален асистент за паркирање, кој возилото го паркира самостојно, откако претходно сам ќе најде слободен простор. Паркирањето преку далечинска контрола од знаменосецот е преземено и во серијата 5. За првпат iPhone може да се поврзе со возилото без каков било кабел, без разлика дали се работи за индуктивно полнење или поврзување до десет уреди на сопствената мрежа во возилото.

BMW M550i xDrive како привремен топ-моќник во понудата: Додека пристигне M5

Сите мотори го следат модуларниот принцип, со половина литар работна зафатнина по цилиндар и заеднички компоненти меѓу моторите со различна работна зафатнина. На почетокот од продажбата на 11-ти февруари следната година, на располагање ќе стојат два бензинци и два дизела со TwinTurbo, со погон назад или на сите тркала.

Дволитарскиот четирицилиндарец со турбонатполнење во BMW 530i постигнува 252 КС и вртежен момент од 350 Nm, при потрошувачка од 5,4 литри, односно за 11 проценти помалку од претходникот. Спринтот до сто трае 6,2 секунди, крајната брзина е 250 km/h. Привремениот топ-модел BMW 540i извлекува 340 КС и 450 Nm од трилитарски линиски бензинец. Во комбинација со погон на сите тркала, 540i забрзува до сто за 4,8 секунди.

BMW Serija 5 (G30)

Дволитарскиот дизел во 520d ослободува 190 КС и 400 њутнметри, што со опционалниот осумстепен Steptronic е доволно за 7,6 секунди до сто и крајни 237 km/h. Над него следи 530d со трилитарски мотор во линија, со 265 КС и 620 њутнметри. Спринтот во овој случај трае 5,7 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 km/h.

Брзо по пазарниот старт ќе следат уште три погонски изведби. BMW 520d Efficient Dynamics Edition со 8-степен Steptronic и 3,9 литри на сто километри, плагин-хибрид 530e iPerformance со 252 КС и 45 километри досег при електричен погон, како и M550i xDrive со 4,4-литарски V8, со 462 КС, 650 њутнметри и 4,0 секунди до сто.

Цените за новата серија 5 на BMW на германскиот пазар

Модел Погон и пренос Цена во евра
530i R4, 1998 ccm, 252 КС, 8-степен Steptronic 49.800
530i xDrive R4, 1998 ccm, 252 КС, 8-степен Steptronic 52.400
540i R6, 2998 ccm, 340 КС, 8-степен Steptronic 57.700
540i xDrive R6, 2998 ccm, 340 КС, 8-степен Steptronic 60.300
M550i xDrive V8, 4395 ccm, 462 КС, 8-степен Steptronic 82.700
520d R4, 1995 ccm, 190 КС, 6-степен мануелен 45.200
520d R4, 1995 ccm, 190 КС, 8-степен Steptronic 47.450
520d xDrive R4, 1998 ccm, 190 КС, 8-степен Steptronic 50.000
520d ED Ed. R4, 1995 ccm, 190 КС, 8-степен Steptronic 47.750
530d R6, 2993 ccm, 265 КС, 8-степен Steptronic 54.300
530d xDrive R6, 2993 ccm, 265 КС, 8-степен Steptronic 56.900

[FAG id=25798]

Претходна објаваКога „обичен“ Ferrari F12 е недоволен решението е Bengala Caballeria
Следна објаваВо Данска се продава цел музеј на марката Austin

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here