за

Кога „обичен“ Ferrari F12 е недоволен решението е Bengala Caballeria

Шпанска фирма им нуди решение на купувачите на коишто Ferrari F12 им е премногу обичен. Само десет примероци ќе се изработат од Bengala F12 Caballeria, со каросерија што целосно е изработена од карбон и редизајнирана да личи повеќе на тркачките автомобили на Ferrari во шампионатот GT3. Шпанската коњаница само ги најавува идните уште поексклузивни модели.

Каросерија што комплетно е изработена од карбон и дизајн што е преработен за повеќе да личи на тркачките болиди на Ferrari во шампионатот GT3. Шпанската дизајнерска работилница Bengala Automotive им го нуди тоа на купувачите на коишто Ferrari F12 им е премногу обичен за со него да се појават во јавност. Автомобилот наречен F12 Caballeria или „коњаница“ е само прв во низата суперексклузивни модели што ќе следат во иднина. Од него ќе се изработат само 10 примероци до следното лето.

Caballeria е првиот модел од новата „привилегирана програма“ на дизајнерската и тјунерска работилница од Мадрид. Како што наведуваат од Bengala, десетмината среќни сопственици автоматски влегуваат во ексклузивниот клуб, придружувајќи им се на истомислениците што имаат иста страст за индивидуалност.

Bengala F12 Caballeria

На шефот и основач Шоги Сејднија не му недостига слаткоречивост да ги продаде своите скапи автомобили: „Во повеќето случаи, уникатноста е состојба на умот; ние на клиентите им нудиме интерпретација на нивните желби, засновани врз нивните соништа. Едноставно, ние осмисливме и создадовме уникатно дизајнерско и инженерско парче, Bengala F12 Caballeria, и само десетмина посебни индивидуи го заслужија.“

Купувачите на Caballeria ќе имаат ексклузивно право да поседуваат и примерок од идните модели во ограничена серија, како и да присуствуваат на настани и приватни изложби, со можност први да ги погледнат новите креации на Bengala. Секој иден модел ќе се изработи во серија од по 5 до 10 примероци, со претставување по еден модел годишно.

Неколку факти за шпанската автомобилска индустрија:

  • Шпанија е втор најголем европски производител на автомобили по Германија, со 2,7 милиони возила лани.
  • Во 1904 година во Барселона е основана марката Hispano-Suiza, којашто произведува едни од најексклузивните и најскапи модели во тоа време
  • Во Шпанија моментно произведуваат Daimler, Ford, General Motors, Iveco, Nissan, PSA Peugeot Citroen, Renault, Seat и Volkswagen
  • Повеќе ексклузивни марки се активни со производство на ограничени серии, меѓу кои GTA Spano, Tramontana, Tauro Sport Auto, IFR Aspid

[FAG id=25774]

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Визијата на мотоциклот од иднината на BMW е сензационално забегување

Бестселерот во свежа форма: BMW ја стартува новата генерација на серијата 5