Американскиот електропионер Tesla ја изгуби вредноста на акциите

Американскиот милијардер Илон Маск досега беше миленик на Вол Стрит. Берзата ги толерираше големите загуби на производителот на електрични автомобили. Но, успешната приказна го смени текот.

Илон Маск не е навикнат на неуспех. Шефот на производителот на електрични автомобили е суперѕвезда во технолошката иновација и многумина го споредуваат со Стив Џобс, Хенри Форд или Томас Едисон. Инвеститорите исто така го почитуваа овој 44-годишен милијардер. Иако Tesla со години работи со загуба, фирмата досега котираше одлично на берзата, како предводник на иновациите во автомобилската бранша. Но, судбината отвори нова страница. Од почетокот на горинава, акциите паднаа за 40 проценти. Кога фирмата ќе го објави деловниот биланс за минатата година, Маск ќе мора да изнајде добри аргументи за да го спречи одлевањето на капиталот.

Tesla во моментов е под притисок од повеќе страни. Интересот за електрични автомобили опаѓа поради ниското ниво на цените на нафтата. Тоа влијае врз продажбата на сите возила со алтернативен погон. Калифорнискиот специјалист е помалку погоден од овој проблем, затоа што неговата понуда се сведува првенствено на скапи и луксузни модели, но на подолг рок, евтината нафта може да ги донесе во прашање опстанокот и планираното проширување на моделската понуда на Tesla во поевтините пазарни сегменти.

Но, најголемите проблеми потекнуваат од самата фирма. Продукцијата на новиот кросовер со електричен погон Model X стартува бавно и со големо задоцнување. Ниската продукција ќе предизвика потешкотии во испораката, а со тоа и повраток на инвестициите во новиот модел. Соодветно на тоа, под знак на прашање стои и реализацијата на амбициозните планови за блиска иднина.

Милијардерот кој го стекна богаството преку платежниот сервис Paypal и меѓу другото е сопственик и на фирмата за вселенски патувања SpaceX, има големи планови со Tesla. Неговата фирма гради гигантска фабрика за батерии во Невада. Оваа таканаречена „гигафабрика“ може да обезбеди профитабилност на Tesla, но засега е само бунар без дно.

Во следниот месец, Tesla ќе го претстави новиот Model 3, како автомобил со електричен погон достапен за поширокиот круг купувачи. Со цената од 35.000 долари, тој нема да чини ниту половина колку луксузниот Model S. Продажбата се очекува да стартува во 2017 година.

Но, General Motors веќе понуди таков автомобил. Chevrolet ќе му ги наруши плановите на Маск, со новиот електромобил Chevrolet Bolt, со досег од 320 километри и цена од 30.000 долари. Тоа е силна конкуренција за Tesla.

Акциите на Тesla, кои во минатото лето достигнаа историски рекорд од 280 долари, во моментов вредат помалку од 150 долари.

Претходна објаваSuzuki со рекордни три милиони произведени автомобили лани
Следна објаваHonda Civic пристига како прототип на салонот во Женева

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here