за

Ако ова е идниот Twingo – нека доаѓа побргу!

Француската марка ќе ја искористи трката во Монако за претставување на концептот Twin’Run, со кој нé потсеќа на легендарните R5 Turbo и Clio V6 … и го најавува идниот Twingo.

Концептните автомобили се како лакмус хартија за тестирање на реакцијата на пазарот. Renault испробува како да го позиционира наследникот на Twingo, дали како трендовско мини со нагласена елеганција, со практична каросерија со пет врати и со иновативни детали во концептот на возилото, со студијата Twin’z, или како динамично градско автомобилче, кое што ќе се повикува на спортската традиција на куќата, во стил на Twin’Run, кој доживува премиера викендов во Монако.

Renault_47453_global_en

Публиката во Монако ги виде трите мини тркачи во акција на промотивната трка во чест на историјата на Renault во мотоспортот. Twin’Run ја предводеше колоната управуван од Карлос Таварес, главен извршен директор на марката, пред Clio V6 со ѕвездата од формула 1 Шарл Пик и Maxi 5 Turbo, со легендата Жан Рањоти.

Renault_47450_global_en

Бројката 5 на вратите се однесува на R5 Turbo, рели тркачот на Renault од 1980-те години. Коцкастите светла и проширените всисувачи на воздух во задните крила исто така се детали од историскиот модел, додека четирите дополнителни светла со светлечки диоди навраќаат во сегашоста и укажуваат на напредната технологија на возилото. Светлата со светлечки диоди им отвораат многу простор за игра на дизајнерите, покрај фактот што нивната дебелина е само 25 милиметри.

Најголемата моќ на Twin’Run е под хаубата, но не предната, туку задната. Тука работи моторот V4Y кој се користи во Laguna, Espace и Latitude, но и во Megane Trophy. Шестцилиндарецот од 3,5 литри и 320 КС е вграден надолжно пред задната оска и комбиниран е со шестстепен секвенцијален менувач. Со средишното вградување на моторот се постигнува идеален распоред на тежината од 43:57, како основа за динамичките својства на возилото.

Renault_47456_global_en

Каросеријата е изработена од фиберглас, во комбинација со карбон за покривот, крилата и предниот спојлер. Под каросеријата е школка од челични профили, изработена во беспрекорен тркачки манир, заедно со двојни триаголни водилки напред и назад. Работното место за возачот е изведено спартански, само со најнеопходното, што значи волан обложен со превртена кожа и компактен панел со голем дисплеј на него и со неколку прекинувачи за контрола на функциите на возилото.

Renault_47478_global_en

Реакцијата на публиката ќе биде решавачка за позиционирањето на идниот Twingo. Нема да биде изненадување ако легендарното моделско име на Renault се најде на два модела. Едниот со пет врати, практичен и достапен за младите семејства, другиот спортски и со три врати, за купувачите кои што се свесни за тркачката историја на Renault.

 

[box type=”shadow” ]Технички податоци

Renault Twin’Run

Димензии:

Должина х ширина х висина: 3680 х 1750 х 1493 mm

Ширина натрага напред/назад: 1522/1497 mm

Резервоар: 40 L

Празно возило: 950 kg

 

Каросерија:

Композитна конструкција од фиберглас и полиестер

 

Мотор:

Renault V4Y / Nissan VQ35

Вграден надолжно во средина

V6 (60o), 24 вентили, 3498 cm3

Пречник и од: 95,5 х 81,4 mm

Моќност: 320 КС при 6800/min

Вртежен момент: 380 Nm при 4850/min

 

Погон и пренос:

На задни тркала

6-степен секвенцијален менувач

Блокада на диференцијал

Двојна метална спојка со пречник од 184 mm

 

Шасија:

Челични цевки 25CD4S

Каросерија со композитна конструкција од фиберглас и полиестер

Двојни триаголни водилки напред и назад

Пружини и амортизери Ohlins

 

Сопирачки:

Напред 356 х 32 mm и сопирачки клешти со 6 клипови

Назад 328 x 30 mm и сопирачки клешти со 4 клипови

 

Бандажи и гуми:

Напред 7,5 х 18“, Michelin 205/40 R18

Назад 8,5 х 18“, Michelin 245/35 R18

 

Перформанси:

0-100 km/h: 4,5 s

Крајна брзина 250 km/h [/box]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Автопат од соларни ќелии место асфалт

Хибридната Porsche Panamera со 4,4 литри на сто километри