Во САД стартуваше пилот проект во кој асфалтот се заменува со соларни ќелии. Патиштата на иднината ќе произведуваат струја, ќе заштедуваат нафта, ќе се грејат и ќе бидат побезбедни.
Идејата е исто толку генијална колку што е едноставна. Асфалтот на патиштата да се замени со соларни ќелии. Овие ќе произведуваат струја која што ќе се пренесува во мрежата за електродистрибуција и ќе се користи за полнење на батериите на автомобилите на струја, а во исто време ќе ја намалат зависноста од нафтата. Меѓу другото, за добивање асфалт исто така се користи нафта.
Првите чекори што водат кон патиштата на иднината се мали. Соларни модули најпрво ќе се поставуваат на патеките за пешаци и велосипеди, како и на поголемите паркиралишта пред супермаркетите. Секој метар квадратен асфалт што ќе се замени со соларни ќелии е чекор понапред кон независноста од фосилните горива. Крајната фаза би биле автопатишта покриени со модули што произведуваат струја од сончевата енергија, во целиот свет.
Неодамна во гратчето Сендпоинт во сојузната држава Ајдахо стартуваше пилот проект кој се финансира со 750.000 долари од државната каса. Проектот е спроведен на паркиралиште кое што целосно е покриено со соларни модули.
Еден од проблемите што требаше да се реши пред реализацијата на проектот беше обезбедување на неопходниот контакт на гумите на возилата со подлогата, на суво, но и во услови на дожд и снег. За соларните панели се користи стакло кое што е цврсто колку челик и значително е порапаво од обичното стакло.
Модулот се состои од три делови. Најгоре е цврстиот слој стакло со соларни модули, светлечки диоди и грејачи. Во средишниот слој е вградена контролната електоника, која што управува со светлечките диоди и комуницира со останатите соларни модули. Во најдолниот слој е поставена инсталацијата преку која што добиената струја од модулите се пренесува до струјната мрежа. Дополнително, отстрана се наоѓаат канали за собирање на водата од површината на патот и филтри за пречистување на собраната вода пред нејзиното користење за наводнување и слични примени.

Природните катастрофи, на пример земјотрес, не предизвикуваат преголеми оштетувања на соларниот автопат. Ако некој од модулите се оштети, тој едноставно се заменува. Сите модили се поврзани во интелигентна патна мрежа, која што со помош на светлечките диоди вградени во патот може да ги предупредува возачите дека зад свијокот постои пречка или друг вид на опасност.
Најголем проблем останува цената. Овие патишта се трипати поскапи од асфалтните. Но, за разлика од нив, соларните патишта се продуктивни, тие произведуваат струја, а струјата чини пари.