Белата боја е прв избор на купувачите на нови автомобили во целиот свет. Некои експерти сметаат дека тоа се должи на огромниот успех на производите на Apple.
На времето улиците беа шарени. Пред 30 години кај автомобилите беа најпопуларни сината, кафената и црвената боја. Денес купувачите се решаваат најмногу за белата боја. Дури 22 проценти од автомобилите што биле продадени во светот во минатата година биле лакирани во бело. На тоа доаѓаат уште седум проценти во бисерна боја.
Во последните години белата боја ги освојуваше пазарите во Северна Америка и во Азија, а од пред неколку години таа стана најпопуларна боја и меѓу европските купувачи. Според некои експерти, заслуга за тоа има успехот на Apple. Белата боја стана синоним за технолошки напредок и минимализам. Други експерти сметаат дека побелувањето на улиците произлегува од тоа што производителите ги претставуваат најеколошките модели на авто салоните најчесто во бела боја, како знак за почитувањето на животната средина.
Неутралните бои се во мода во целиот свет. Покрај белата, најмногу се застапени црната, сивата и сребрената боја. Само овие бои покриваат дури 76 проценти од светскиот пазар. Најголем број од службените автомобили се во овие бои, заради посериозниот и попретставителен настап. Глобалниот тренд важи дури и во Африка. Таму исто така се популарни белата, сребрената и сивата боја, за разлика од црната боја.
















