Како Дачија успеа да понуди електричен автомобил под 18.000 евра и да им се спротивстави на Кинезите

Зафатите со коишто Дачија постигна нивниот нов електричен модел Спринг да стартува од 17.900 евра не се толку радикални. Во основниот модел не се вградува средишен екран, се нудат само 4 бои, логото е втиснато во вратата на багажникот. Со овие зафати, романскиот ЕВ е подостапен за околу 1.600 евра од сестринскиот модел, Рено Твинго.

Новата електрична Дачија Спринг е развиена за 16 месеци, со помош на инженери од Кина. Основниот модел во Европа почнува од 17.900 евра.

Дачиа ги отвори нарачките за Спринг, којшто е достапен и во поопремена изведба што чини 19.900 евра и поседува средишен дисплеј и неколку функционални ставки. За споредба, Твинго во основната изведба чини 19.490 евра, а за повеќе опрема треба да се отиде на моделот од 21.100 евра. Двата модели се базираат врз платформата РГЕВ Смол на групацијата Рено, што ја користат и поголемите електирчни модели, Рено 4 и Рено 5.

„Беше вистински предизвик, целата гама да се задржи под 20.000 евра,“ изјави Клемент Ари, продукт-директор за Спринг, за време на салонот во Париз. „Моравме да решаваме околу изгледот на Спринг и големината на батеријата.“

Спринг почнува со продажба во време кога на буџет марката на групацијата Рено ѝ недостигаат електрични модели со понапредна технологија. Продажбата на Дачија во Европа до септември е опадната за 9,8 проценти, додека целиот пазар напредуваше 6 проценти.

„Спринг веќе го потресе сегментот, како електричен автомобил со мошне, мошне ниска цена,“ кажа Ари. „Донесовме понапреден модел во споредба со првата генерација, со нова платформа, можности и со производство во Европа.“

Директорите на Дачиа оценуваат дека постои голема разлика меѓу Твинго и Спринг, и покрај заедничката техника.

Додека Твинго е замислен да привлекува купувачи со ретро изгледот и со светлите бои, Спринг е поконзервативен. Има избор од бела, сива, црна и сина боја. Романскиот модел е наменет за купувачите што бараат противвредност и сакаат издржлив и едноставен ЕВ.

Втората генерација на Спринг е 6 сантиметри подолга од Рено Твинго, сестрински модел врз истата платформа РГЕВ Смол, со поголем багажник

Спринг е шест сантиметри подолг од Твинго и располага со поголем багажник, иако двата модели имаат исто меѓуоскино растојание и ист погон што е произведен во Кина. Батеријата од 27,5 киловатчасови користи хемија литиум-железо-фосфат и производ е на Катл. Досегот во комбинирано возење изнесува 250 километри.

Двата автомобили поседуваат електромотор од кинескиот добавувач Шангај Е-Драјв. Спринг постигнува 130 километри на час, за дваесет км/ч повеќе од претходната генерација на моделот, со што тој може да се користи и кусо на автопат. Забрзувањето до темпо 50 трае 3,9 секунди, односно 12,1 секунди до темпо сто.

Електричното мини тежи 1.212 килограми, просечната потрошувачка на струја изнесува 12,7 киловатчасови на 100 километри.

Дачија ги спушти трошоците за Спринг и со големи и со мали мерки, кажуваат директорите. Тоа што основниот модел се нуди без средишен екран, заштедува стотици евра, кажа Џон Клеворт, директор за развој на производи во Дачија.

Само половина од задните светла на Спринг е осветелна, долната половина е рефлектор што ја пренесува светлината од горе.

Заштеда е постигната и со тоа што задната клупа не лизга како во Твинго, и се нудат помалку опции, како мал преден багажник, за чување на извалканите кабли за полнење.

На тоа се надоврзуваат и помали зафати, како што е оформувањето на препознатливите задни светла на Дачиа, во коишто половината е рефлектор, а другата половина е осветлена, или леењето на знакот на Дачија во црната пластична лента долж вратата на багажникот, место тој да се лее посебно и да се додава украсна лајсна.

Поедноставувањето носи придобивки и во производството, кажуваат Клеворт и неговите колеги. Спринг се нуди во само четири бои – единствено белата е без доплата – додека кај Твинго има шест бои. Постојат две нивоа на оиоременост, две големини на тркала, една боја на ентериерот.

Дачија најде простор да заштеди пари со леењето на логото во црната пластична лента во вратата на багажникот.

Спринг е вториот модел врз платформата РГЕВ Смол што се монтира во Ново Место, Словенија, и има корист од пониските трошоци за развој и производство, како и од заедничната набавка. Моделот е развиен за 16 месеци, со помош од инженерите од Кина, почнувајќи од одобрението на концептот, до почетокот на прпоизводство. Кај Твинго беа околу две години.

Третиот модел врз платформата РГЕВ Смол од Ново Место е Нисан Пиксо, што се очекува в година.

Претходната генерација на Спринг беше изведена од Рено Квид

Досегашниот Спринг ја користеше како основа на старата генерација на Рено Квид и беше преработен од бензински на електричен погон. Досегог од 225 километри и перформансите заостануваа далеку зад водечките електрични автомобили во класата, како бестслерите Липмотор Т03, Рено Твинго и Хјундаи Инстер.

Продажбата на Спринг опадна за 4,6 проценти до септември, со 24.512 возила, во време кога сегментот забележа раст од 11 проценти. Твинго почна да се испорачува во јуни и веќе го престигна Спринг, со 25.423 возила во Европа.

Продукт-директорот Ари кажа дека новиот модел е поставен добро за да ја искористи зголемената побарувачка за малечки електрични автомобили. Продажбата во сегментот порасна откако горивата поскапеа поради војната во Иран и поголемите автомобили им станаа прескапи на повеќето купувачи.

„Сегментот напредуваше многу од лансирањето на првиот Спринг,“ кажа Ари во Париз. „Тој се скуси и голем број производители на автомобили престанаа со производство, поради строгите законски барања. Сегментот се врати во живот со електрификацијата, а тоа што се нуди веќе денес е многу различно од некогаш.“

Клеворт посочи дека ниската цена на Спринг ќе биде адут, исто како и високата остаточна вредност, за којашто Дачија наведува дека е 5 до 12 проценти повисока од конкуренцијата. Единствено Липмотор Т03, што се произведува во Кина и не ги исполнува условите за субвенции во Франција, има споредлива цена, почнувајќи малку над 17.000 евра.

Во кокпитот на Спринг се вградува средишен екран само во поопремената изведба. Основниот модел има држач за телефон, којшто служи за ракување со инфо-забавните функции.

Втората генерација на Спринг ги исполнува условите за субвенции, коишто во Франција почнуваат од 3.600 евра, без земање предвид на семејните приходи, и истите достигнуваат 7.000 евра за домаќинствата со пониски приходи. Тоа значи дека цената на Спринг може да се спушти до 11.000 евра.

Т03 и Твинго се главните соперници на Спринг во сегментот на мини-автомобилите. Силен противник се очекува од Фиат, откако ќе понуди подостапна изведба на 500е, со батерија ЛФП и цена под 20.000 евра.

Понатаму, програмата Е-Кар на Стелантис, којашто ќе нуди малечки електрични автомобили што ќе чинат 15.000 евра и ќе се произведуваат во Италија, ќе понуди ретро модел во стилот на Ситроен 2ЦВ. Првите Е-Кар се очекуваат во 2028 година. Фолксваген планира в година да понуди електрично мини, веројатно со ознаката ИД1, што ќе чини под 20.000 евра.

Потенцијалните купувачи на Спринг можат да избираат и меѓу други подостапни модели, како Ситроен е-Ц3, Би Уај Ди Долфин Сурф и Џили Е2, што чинат под 20.000 евра.

Претходна објаваМерцедес-Мајбах пушти нова серија луксузни очила