
Фолксваген произведува пристојни и солидни автомобили, и никој не му префрлува за тоа. Што им недостига на Голф или Пасат, на Поло или на Тигуан? Можеби се малку здодевни, но такви ги сака светот. И кога човек ќе помисли дека Фолксваген навистина произведува само пристојни и солидни автомобили, што е учтива форма за здодевно, Волфсбург сепак има изненадувано одвреме навреме со автомобили што отстапуваат од шаблонот.
Такви беа Голф Кантри, уште долго пред СУВ-инвазијата, Пасат со 8-цилиндарски мотор во три реда, Фетон со десетцилиндарски дизел, и секако, Фолксваген Икс Л 1, тогаш најштедливиот автомобил од сериско производство во светот, со потрошувачка од 1 литар, којшто последниот голем владетел на концернот, Фердинанд Пих, си го нарача за да се одвезе во пензија од концернот.
Еднолитарскиот Фолксваген ќе остане запомнет како возило што беше изработено во само 200 примероци, чијшто развој чинеше стотици милиони, од скапоцени материјали, како карбон, и со посебен хибриден погон, што трошеше 900 „грами“, меѓу другото благодарение на коефициентот на отпор на воздух од 0,189.
За инает, рекордерска аеродинамичност и покрај ретровизорите од Поло
Повеќе од една деценија подоцна, мисијата за најштедлив автомобил преоѓа во нова рунда, со возило што е наречено Мишн Ефишнси. Изгледот е сличен со Икс Л 1, но техниката потекнува од новото електрично ИД Поло. Батеријата од 54,9 кВч, електромоторот и предната оска се преземени директно од електричното Поло.
Место да се оди на скап систем од камери, аеродинамичарите ги презедоа ретровизорите од Поло. И покрај тоа, возилото со несекојдневна форма, поради аеродинамичноста, со должина од 4,8 метри, постигнува коефициент 0,158. Тоа е речиси половина од отпорот на којшто наидува Голф.

Не постои автомобил со дозвола да учествува во јавен сообраќај, што има понизок отпор.
Но, друг рекорд укажува вистински на способноста на овој Мишн Ефишнси. Тој мина 1.278 километри во јавен сообраќај со просек од 67,7 км/ч и со тоа постигна просек од 6,89 кВч на сто километри.
Има и трет рекорд: Потрошувачка од 6,48 кВч на 100 км, во совршени услови, односно при непроменета брзина од 68 км/х, на право, со исклучена клима и други потрошувачи.

Од ширината на опашот се одземени 17 сантиметри
За да се постигне мал отпор, каросеријата што е прилепена за асфалт, издолжена е и има форма на капка. Носот, подот, задните тркала, целосно се обложени, а и задната оска е потесна за 17 сантиметри во споредба со ИД Поло. Бришачите се сокриени под хаубата, а вградени се вовлечени рачки на вратите од Купра Таваскан.

И гумите со низок отпор имаат удел
За штедливоста се заслужни и гумите од Континентал, со посебна изработка на моделот Еко Контакт 7, со отпор на тркалање од 4,6 килограми на тон. Кај добрите сериски гуми се потребни повеќе од пет килограми, за да се совлада отпорот на гумите, доколку возилото тежи еден тон.
Се внимавало и на практичноста и безбедноста, па Мишн Ефиншси поседува зона на гмечење, стабилно е и лесно за возење. Соларниот покрив ја напојува само мрежата во кабината, но по потреба може да испорача енергија и кон батеријата.
Багажникот е огромен, со 481 литри, па дури има и дополнителни 120 литри под подот, со отвор за испуст на вода. Со соборена задна клупа, се добива простор од 1.090 литри. Задната клупа сепак не е предвидена за патници повисоки од 1,6 метар.
Затоа пак, напред се седи како во нормален автомобил. Потпирачите за глава се изработени со 3Д-печат, исто како и поголем дел од арматурната табла. Воланот и копчињата за климата потекнуваат од ИД Поло.
Сериско производство не се спомнува, концернот мора да штеди деновиве.















