
Секое достигнување губи на значење, ако нема со кого да го споделиш и да се пофалиш, и луксузот не е луксуз, ако ја пропуштиш приказната за тоа. Така и Порше, кусо пред влегувањето во есента, секоја година доаѓаат во своето седиште во Македонија, да се пофалат што сé имаат направено во меѓувреме, и да ја обноват приказната, зошто нивната марка е толку посебна.
Коњските сили денес се девалвирани. Тие може да се купат и на друго место, и не мора секогаш да биде спортска марка. Постојано долетуваат гласишта како некои безимени суперспортски и хиперспортски автомобили поставиле рекорд, било во бројот на коњски сили, било во скусувањето секунди на круг на тркачка патека. Но, сите тие само се борат за внимание. Што и да направат, вниманието пак останува кај тие што безброј пати се докажале. Еднаш, како ни еднаш.
Порше е реперот. Една од бројните работи што ја издвојуваат марката е секојдневната применливост на овие спортски машини, што веќе во следната минута може да се пуштат на тркачка патека. Меѓу десетте претставнички на Цуфенхаузен со најразновидна форма и погон, годинава се најдоа две 911 Турбо С, срцето на марката. Едно копче во овие машини со 711 КС кажува сé.
Покрај копчињата на коишто ви е јасно дека се вклучува полниот звук од издувот и се извлекува спојлер, има едно копче со графика што прикажува како каросеријата се качува угоре и удолу. Зошто некој би сакал да ја качи 911-ка, кога сé е околу тоа, да биде прилепена колку може повеќе до земја? Токму тоа е дел од суштината.
Со оваа опција, иконскиот Порше се приспособува за лежечки полицајци. Најсилниот меѓу нив, барем меѓу бензинците, е сосем искористлив „градски“ автомобил. Затоа не зачудува кога во богата населба со куќи во германски град, ќе се забележи како секој трет паркиран автомобил на улица е Порше, некој стар половина век, некој штотуку изваден од салон. Исто и во Скопје, ширум Македонија, Порше секогаш е дел од градската слика, некогаш во разминување, некогаш паркиран пред кафуле или спортски објект. А, следниот ден, веројатно на тркачка патека, некаде во близина, илјада километри пат е лесна вежба.

Порше е „Рим“ меѓу автомобилските марки
Сé е историја тука, и сé е создавано со години. Порше е „Рим“ меѓу автомобилските марки, и во сé што некогаш се случило во автомобилскиот свет, сигурно е вмешана и Порше.
Освен „елферот“, во поставата на марката за пред македонската публика годинава се најдоа две варијанти на Кајен, едната хибридна, другата од сосем различна генерација, и целосно електрична. Порше Македонија уште летоска спомна податок дека за преку 80 проценти од планираната продажба на електричниот Кајен за годинава веќе се најдени сопственички и сопственици. Побарувачката изненади.
Со електричниот Кајен секогаш оди во придружба електричен Макан, овојпат во полутркачката изведба ГТС. Петката ја заокружи хибридна Панамера. Порше Македонија вообичаено издвои неколку денови, за на своите клиентки и клиенти, на инфлуенсерките и инфлуенсерите, на медиумите, на јавни личности, да им овозможи сами да ја доживеат приказната на марката, што не претставува ништо помалку, од врв во германскиот инженеринг на создавање автомобили, што тука веќе прераснува во уметност.
Секогаш се избираат и посебни рути за возење. Годинава, шарениот, моќен, впечатлив, секако скапоцен карван, возеше од Скопје по автопатот кон Свети Николе и Штип, потоа преку планината Серта, за некои Конечка Планина, до едно исто така историско место. Одредиштето беше винаријата Лазар, веднаш од другата страна на автопатот покрај Стоби, на Црна Река, кусо пред нејзиниот влив во Вардар.
Уште една одлична организација, со веројатно најгледаните содржини на друштвените мрежи деновиве, на спортската и подеднакво ексклузивна марка, што одамна прерасна во суштински дел од македонската автомобилска сцена.
View this post on Instagram















