
Концернот Фолксваген ја разгледува можноста за продажба на производителот на мотоцикли Дукати, во рамките на темелното реструктурирање на портфолиото на германскиот производител на автомобили.
Италијанската марка е меѓу 600-те бисниси од вкупно 2.000 што работат во кругот на концернот, за коишто се проверува дали да се задржат во Фолксваген, изјави извршниот директор на Ауди, Герно Делнер. Прочуениот производител на премиум мотоцикли со високи перформанси е дел од групацијата Ауди во концернот Фау Ве. „Во процесот на оценување спаѓа и дискусијата околу Дукати, но уште не е решено“, кажа Делнер.
Компанијата со седиште во Болоња, позната како производител на „супербајкови“ од типот на Панигале, би вредела околу 1,25 милијарда евра, според процената на аналитичарот на Блумберг, Мајкл Дин.
Фолксваген прави обиди да го скуси своето поле на делување, за производителот на автомобили да стане поконурентен. Надзорниот одбор во минатата недела го одобри пакетот за реструктурирање, што бара намалување на бројот на бизниси и холдинзи за околу една третина. Во јуни, групацијата продаде 51 проценти од огранокот за бродски мотори Еверленс (МАН), од што се очекуваат околу 7,4 милијарди евра.
Ауди го купи Дукати во 2012 година. Компанијата уште во 2017 година ја стави на дневен ред продажбата на компанијата стара 100 години, но се откажа поради противењето на претставниците на германскиот работнички синдикат. Дукати оттогаш ја зајакна својата позиција, како едно од најзвучните имиња во светот на трките со мотоцикли, освојувајќи во низа шест наслови на првак во Мото ГП во конкуренција на производители, од 2020 година наваму.
Овој успех ја издигна марката Дукати на ниво какво што Ферари ужива во светот на автомобилите, со силна поддршка од обожувателите коишто се нарекуваат Дукатисти.
Продажбата го погодува кланот Порше-Пиех, којшто го има главниот збор во контролата над Фолксваген. Починатиот патријарх Фердинанд Пиех, голем обожувател на мотоцикли, лично го поддржа купувањето во 2012 година и потоа делуваше во управниот одбор на Дукати. Но, оперативната маржа на марката пак е под 9-те проценти, што ги бара извршниот директор на Фау Ве, Оливер Блуме, како цел што концернот треба да ја постигне до 2030 година.
Дукати продава околу 50.000 мотоцикли годишно и во минатата година постигна поромет од 925 милиони евра, со оперативна добивка од 52 милиони евра.
Македонски Дукатисти меѓу 120-те илјади прославувачи на Дукати во Мизано















